Државата ќе гради Национален дата-центар
Физибилити студијата е готова, државата одлучи да гради Национален дата-центар. Во игра се четири модели на инвестирање, и четири локации во околината на Скопје.
Националниот дата-центар ќе биде со капацитет од околу 5mW, или во категорија на среден дата центар, инвестиција, барем според проценките, околу 20 милиони евра. Примарна задача ќе му биде, на едно место да се чуваат сите податоци, документи на државните институции, како и личните податоци на граѓаните. На тој начин државата сака да го зголеми нивото на безбедност во сајбер светот, особено што во моментот инфраструктурата во одреден дел од институциите не се чува соодветно.
Сепак, планот е да се остави простор за идни инвестиции во хардвер кој би можел да се користи за развој на вештачка интелигенција.
- Планираме да биде модуларно решение за да дозволи со дополнително набавување на опрема да тој нуди услуги и на државните или приватни универзитети, истражувачка работа во Научно-истражувачките центри, а понатаму зошто да не и дел од државните институции, односни државни АД-а за понатамошни потреби. Секако, размислуваме и на суверенитет во смисла на Вештачка интелигенција и доколку решиме дека понатаму се потребни инвестиции во оваа насока, овој дата-центар ќе може да ги опслужи и таквиот вид на инвестиции, вели Андоновски.
Проценките се дека ќе бидат потребни најмалку две години додека дата-центарот да почне со работа. А ќе треба и дополнително време додека сите институции ги мигрираат своите податоци таму.
- Треба да се започне со институциите кои во моментот кога ќе се отвори имаат најстара опрема, прво тие да мигрираат, а потоа секоја институција по еден приоритетен план да мигрира во дата-центарот. Но ова ќе бидат задолженија за државните институции за да не ни се повторува ситуацијата од заштитниот дата-центар во Прилеп којшто е веќе изграден, функционира неколку години, а помалку од 10 институции ги користат услугите на овој заштитен дата-центар. Така што, ние ќе одиме со еден вид на законски измени или задолженија од влада за задолжително користење на услугите на државниот дата-центар, вели Андоновски.
Според физибилити студијата, на кровот на објектот ќе бидат поставени фотоволтаици кои ќе произведуваат струја за потребите на серверите. Доколку локацијата која ќе биде избрана дозволува, можна е и изградба на фотонапонска централа во околината.
Во делот на ладење на хардверот, нема да се користи вода, туку ќе се користи систем на воздух.
Собранието пред околу еден месец донесе закони со кои се отвори простор за изградба на дата-центри. Во моментот се одвиваат два процеси, од една страна најава за Национален дата-центар, од друга, најава за приватни инвестиции. Но за овој дел има многу отворени прашања со оглед на тоа што законите кои беа донесени не ги регулираат минималните стандарди кои инвеститорите ќе треба да ги испочитуваат.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
