Македонија
17. July 2026 - 16:33

Кризната состојба продолжува до октомври, блокадата на Баб ел-Мандеб - нов ризик за цените на нафтата

Кризната состојба за нафта и нафтени деривати ќе остане во сила уште три месеци. Владата денеска одлучи рокот да се продолжи до 20 октомври.  

„Целта на оваа одлука е Владата да располага со соодветен правен механизам за брза и ефикасна реакција, со цел да се зачува стабилноста во снабдувањето, да се ублажат последиците од евентуални пазарни нарушувања и да се заштитат интересите и животниот стандард на граѓаните и стопанството“, велат од Владата. 

Одлуката ќе биде доставена до Собранието, каде пратенците и официјално треба да ја изгласаат. 

Премиерот Мицкоски пред неколку дена рече дека се исполнети условите за да се намалат акцизите на бензините и дизелот, па можно е од понеделник повторно да се активира оваа антикризна мерка.

Опозицијата и денеска критикува. 

„Кризата не стивнува. Поскапувањето на горивата е нов ценовен удар за граѓаните и ќе донесе ново поскапување на цените на храната. Животот стана прескап. Платите не го следат растот на цените, храната стана луксуз, сметките се превисоки“, кажа Симона Цветановски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Неделава бензините поскапеа за денар и пол, а дизелот за пет и пол денари. 

Ова следи откако цените на нафтата на светските берзи бележат секојдневен пораст, како резултат на се’ поголемите напади на Блискиот Исток. 

Суровата нафта од типот Брент и денеска се тргува над 85 долари за барел, а нова неизвесност создава можноста да се блокира теснецот Баб ел Мандеб, една од најважните морски рути за транспорт. Според светските медиуми, Иран побарал јеменските Хути, да бидат подготвени за затворање на овој теснец доколку САД нападнат ирански енергетски објекти. Хутите веќе распоредиле ракети и дронови во близина на областа за можни напади врз бродови. Баб ел Мандеб е тесен морски премин што ги поврзува Црвеното и Арапското Море и е една од клучните рути за транспорт на енергенси, стока и суровини кон Суецкиот Канал и Европа. 

„Сè може да биде погодено, бидејќи низ овој теснец не се превезуваат само нафта и природен гас. Преку него се транспортира и друг товар од Азија, како што се контејнери, храна, ѓубрива, јаглен и сè друго што може да се натовари на брод и да се испорача по море до Европа или до други делови од светот“, вели истражувачот Петрас Катинас.

Затворањето на Баб ел Мандеб истовремено со Ормутскиот теснец ќе значи дополнителен притисок врз глобалните синџири на снабдување.