Македонија
16. July 2026 - 16:32

Четири компании аплицирале на тендерот на Министерството за транспорт за електрични автобуси

Четири компании влегоа во трката за набавка на новите електрични автобуси, со кои треба да започне обновувањето на јавниот превоз во земјава. По неуспешни два тендери, властите очекуваат овојпат постапката успешно да заврши и да донесе решение за долгогодишните проблеми со автобускиот превоз.

Министерот за транспорт не сакаше да дава детали  за четири понуди кои пристигнале на повторениот тендер за набавка на вкупно 150 електрични автобуси и 75 станици за нивно полнење.

Според досегашните најави 100 автобуси ќе бидат наменети за јавниот превоз во Скопје, додека преостанатите 50 ќе бидат распределени во другите градови низ државата.

И додека надлежните прават нов обид да обезбедат модерни автобуси, граѓаните се жалат на условите во постоечките. Велат дека се стари, хигиената е на ниско ниво.

Ако тендерот биде успешно спроведен, а договорот со фирмата која ќе ги испорачува автобусите потпишан месецов, фирмата има обврска до јануари следната година да достави најмалку 30 електирчни автобуси и 15 станици.  За секое задоцнување од предвидената динамика, за остатокот од неиспорачаните автобуси и станици за полнење ќе се пресметува договорна казна во висина од 0,1% од вредноста на неиспорачаните автобуси и станици за полнење, за секој ден задоцнување.