САД создаваат 12 милијарди долари залихи во руда - Македонија не ги искористува ресурсите
Властите на САД вложуваат значителни напори за зајакнување на домашниот синџир на снабдување со критични минерали и други материјали што се користат во индустриите, од автомобили и зелена енергија до одбрана, воздухопловство и електроника. претседателот Доналд Трамп веќе потпиша извршна наредба за создавање на залихи од критични минерали во вредност од 12 милијарди долари, со цел да се намали зависноста на САД од други земји за овие минерали и материјали.
Од она што е познато и потврдено со геолошки истражувања Македонија има бакар и антимон- две суровини кои се сметаат за „нафтата на новата ера“ поради нивната клучна улога во воената индустрија и зелената транзиција. Големо наоѓалиште на бакар е потврдено во Иловица, каде се најавуваше инвестиција за рудник. Таа беше претставена како најголема гринфилд инвестиција, со првична вредност од околу 350 милиони евра. Од компанијата „Еуромакс ресоурцес“ тогаш соопштија дека просечната годишна вредност на извозот за време на 23-годишното работење ќе изнесува околу 180 милиони евра годишно, што претставува зголемување од околу 4% на македонскиот извоз.
Дополнително, во близина на Крива Паланка се испитуваат капацитетите на антимон, а истражувањата со пет милиони евра ги финансира Министерството за енергетика на САД (DoE), преку Стратешкиот дијалог со Македонија. САД изминатиов период потпиша повеќе големи договори за снабдување со критични минерали, со Европската Унија, Јапонија, Канада и други земји. Во домашната Стратегија за минерални суровини 2026-2046, чиј носител во изработката беше МАНУ, се истакнува дека ваквите договори можат да донесат бенефити.
„Минерално богатите држави, особено оние што се во развој, може да имаат голем економски бенефит доколку потенцијалот од ваквата ситуација го искористат на правилен начин. Градењето на доверливи партнерства помеѓу државите добавувачи и државите корисници, мултилатералната соработка и транспарентноста се есенцијални во процесот на зголемување на производствените капацитети на критични минерални суровини и материјали“, се наведува во текстот на Стратегијата.
Министерството за енергетика на САД на почетокот на јуни додели 15 милиони долари за два проекта што ќе воспостават регионални конзорциуми за забрзување на развојот на нови синџири на снабдување со критични минерали и материјали од неконвенционални и секундарни суровини – во сојузните држави Невада и Џорџија. Други 134 милиони долари без издвоени за проекти во Минесота и Луизијана.
„Градењето на домашни синџири на снабдување за критични минерали значи дека сфаќањето на вредноста на неконвенционалните суровини може да ги зајакне синџирите на снабдување за американското производство и производството на основни технологии“, изјави помошничката секретарка за енергетика, Одри Робертсон.
Само во месец мај, американското Министерството за енергетика додели 45,7 милиони долари за 19 проекти кои имаат за цел да ги пополнат празнините во домашниот синџир на снабдување со критични минерали. „Финансирањето поддржува развој на пилот-проекти за преработка на ретки земни елементи и критични минерали“, соопшти институцијата.
Научните анализи потврдуваат дека со примена на безбедна технологија рударските проекти во земјава можат да донесат сериозен економски развој. Во спротивно ресурсите ќе останат неискористени а државата може да ја пропушти шансата да биде клучна алка во глобалниот напредок.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
