Македонија
15. July 2026 - 12:11

Пожарот кај селото Бајково и понатаму активен, но под контрола

Пожарот кој избувна вчера попладне во атарот на селото Бајково на планината Огражден се уште е активен, но е ставен под контрола. Во моментов нема опасност за викенд куќите во селото, ниту пак за црквата Свети Петар и Павле  која се наоѓа во близина.

Утрово во општина Ново Село заседаваше и локалниот кризен штаб  на кој беа договорени конкретните чекори кои треба да се преземат на терен за што побрзо ликвидирање на огнот.

„Во моментов се ангажирани околу триесетина лица од сите надлежни интитуции кои работат на справување со огнената стихија. Заменикот директор на Македонски шуми, Кире Михаилов, информираше дека огнот во моментов се држи во контролиран простор и се надева дека во текот на денот тој ќе биде целосно изгаснат.“, изјави Ѓорге Божинов градоначалник на општина Ново Село

„Пожарот избувна вчера во попладневните часови, но благодарение на брзата интервенција и од копно и од воздух, истиот беше ставен под контрола. Во моментов нема информации за причините поради кои настанал истиот.“, изјави Кире Михаилов заменик директор на Македонски шуми