Долгови, неисправни камиони и спорни исплати: Што откри државната ревизија во „Комунална хигиена“
Државна ревизија откри сериозни неправилности во работењето на Комунална хигиена во 2024 година. Претпријатието имало големи финансиски проблеми, ангажирало стотици работници преку приватни агенции, исплаќало спорни прекувремени часови, а повеќе од половина од возилата не биле во функција.
Според извештајот, во магацините се чуваат резервни делови вредни околу 102.000 евра, купени уште во 2009 година. Голем дел од нив се наменети за камиони што веќе не се користат, па постои можност никогаш да не бидат употребени.
Околу 60 проценти од возилата тогаш не биле во функција, односно во возна состојба биле само 76. Директорот Митковски вели дека при преземањето на функцијата лани затекнал уште полоша состојба на терен.
„Затекнавме некаде 16 возила со просечна старост од од 13 години, кои малтене секојдневно се расипуваа. Сега во моментов некаде имаме оспособено меѓу 50 и 60 возила“, изјави тој за Сител.
Митковски рече дека е завршена постапката за набавка на 40 различни возила, преку Министерството за транспорт. Нивната испорака се очекува кон крајот на септември. Следниот месец треба да пристигнат две нови специјални камиони од 16 кубни метри, обезбедени со субвенција од Градот. Набавени се и 3.400 нови контејнери.
„Тоа е субвенција од Градот. Првите количини треба веќе да пристигнат до крајов на месецов, стотина контејнери од тие треба да пристигнат, а останатите некаде рачунаме а месец дена, односно некаде таму крај на на август месец би се комплетирале сите“, истакна директорот.
Во текот на 2024 година „Комунална хигиена“ потрошила околу три милиони евра за луѓе ангажирани преку приватни агенции за вработување.
За плати и надоместоци истата година исплатила околу 10 милиони евра. Ревизорите утврдиле неправилности кај прекувремената работа.
„На ревизијата не и беа доставени докази дека евидентираните прекувремени часови навистина се остварени, ниту дека работните задачи се извршени. Дополнително, на дел од вработените им биле издавани посебни овластувања за извршување работи од повисоки работни места, при што е извршена зголемена пресметка на плата врз основа на прекувремена работа која фактички не е остварена“, пишува во ревизорскиот извештај.
За половина година на 36 административци им биле исплатени околу 11.200 евра за прекувремена работа, без известување до надлежниот државен инспектор на трудот.
„Комунална хигиена“ на крајот на 2024-та имала вкупни долгови од околу 12 милиони евра. Најголемиот дел, околу 6,9 милиони евра, кон фирми-добавувачи.
„Беа прекинати сите односи со сите добавувачи на резервни делови, прекинати сите односи и контакти со сите сервиси, затоа што повеќе од две години воопшто не им биле измирувани обврските. И сите тие субјекти го имаат тужено претпријатието. Нормално дека не сакаат повеќе да работат со, нели, партнери кои не си ги исполнуваат обврските. Ние успеавме да сето тоа го надминеме, значи да ги повториме сите тие контакти, врски“, вели Митковски.
Ревизорите предупредуваат дека поради слабата наплата на сметките и големите долгови, претпријатието доцни со исплатите, плаќа камати и се соочува со ризик да нема доволно средства за нормално функционирање.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
