Филипче цврсто против гласање на дијаспората - Мицкоски: СДСМ бара алиби за изборните порази
Речиси без шанси останува донесувањето на Изборниот законик до среда, рокот кој го определи Брисел за целосно исполнување на реформската агенда за да се добијат дополнителни 4 милиони евра од Планот за раст. Лидерот на СДСМ цврсто на ставот дека не попушта за гласање на дијаспората надвор од гласачко место. Бара оваа одредеба да се тргне и за неа евентуално да расправа експертска работна група до 2028 година. Филипче смета дека постојните изборни правила се добри.
Премиерот Мицкоски пак, вели дека опозицијата свесно одбива донесување на нози изборни правила со цел да има алиби за изборните порази што ја чекаат. И од коалициската ЗНАМ застануваат за предлогот за гласање на дијаспората.
Претходно, од владејачкото мнозинство неколку пати повторија дека понеделник е крајниот рок до кога ќе ги чекаат опозициските СДСМ, Левица, ДУИ, Села и Таравари да седнат и да ги испеглаат разликите околу една изборна единица, финансирањето на кампањите и рекламирањето, како и моделот за гласање на дијаспората од далечина.
Левица иако со критика до власта за измените на Изборниот, ја презеде иницијативата да свика опозициски состанок од понеделник. Но, засега ниту една друга опозициска партија не ја прифати поканата.
Изборниот законик пред две недели беше блокиран со 14 илјади опозициски амандмани.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
