Меѓувладини конференции во Брисел за Црна Гора и Албанија, Македонија изостанува на Европскиот календар
Додека Брисел следната недела станува центар на евроинтеграциите за дел од земјите од Западен Балкан, Македонија останува само набљудувач. Во вторник, на четири големи меѓувладини конференции, Црна Гора и Албанија ќе направат огромен чекор напред кон ЕУ со затворање на три клучни поглавја, а нови кластери се отвораат и за Украина и Молдавија. Но, на овој густ европски календар, Македонија ја нема никаде. За опозицискиот лидер Венко Филипче, ова е директен доказ дека земјата тоне во изолација. Го обвини премиерот Мицкоски дека поради лична немоќ и немање јасен план ја држи државата во ќорсокак, оставајќи ја без европски фондови и без неопходните реформи.
Опозиицијата ја доведе Македонија во оваа позиција, прифаќајќи предлог кој е асиметричен со македонските национални интереси, вели премиерот. Според Мицкоски, Македонија е најнапредна држава на Балканот во испорачување на реформи, но Уставот нема да се промени. Народот, вели тој, е уморен од национални отстапки, без никакви гаранции.
“За мене промена на Устав и прифаќање на тоа што прифатила претходната Влада не е реформа и нашиот став е јасен и прецизен. Граѓаните од лидерството во Македонија очекуваат да го заштити македонскиот национален идентитет и тоа го правиме и нема цена по која што ние може да правиме безусловни отстапки. Ние може да се договараме, може да разговараме, бараме решенија конструктивни сме и така и ќе продолжиме и понатаму, но безусловно јас потпис да ставам на нешто што прифатила претходната Влада, или таканаречената капитулација, додека сум јас тоа што сум тоа нема да го направам. На крајот на денот ќе дојдат избори, граѓаните ќе го кажат својот збор, ако мислат дека јас сум погрешил ќе гласаат за спротивната политичка опција, ние ќе заминеме во опозиција.”
Ирското претседателство со Советот на ЕУ го најави 14 јули како супер вторник за европското проширување. Црна Гора треба да ги затвори поглавјата кои ги опфаќаат политиката на конкуренција и царинската унија. Со ова Подгорица ќе има привремено затворено 18 од 33 преговарачки поглавја, што ја прави земја лидер од Западниот Балкан за членство во ЕУ. Албанија треба да ги затвори поглавјата за наука и истражување, образование и култура, како и за надворешни односи.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
