Македонија
8. July 2026 - 16:29

Европска трка по бакар и критични минерали: Каде е Македонија?

Грција подготвува пет големи рударски проекти како дел од напорите на Европската Унија за независно снабдување со критични минерали. Овие инвестиции опфаќаат сè — од копање руда до рециклирање, и се очекува да донесат големи приходи во грчкиот буџет. Плановите вклучуваат експлоатација на бакар и злато на Халкидики и во Тракија, екстракција на германиум на Пелопонез, како и постројки за рециклирање на бакар и алуминиум во Виотија.

Во Македонија, пак, проектот за рудникот за бакар во Иловица, инвестиција проценета на околу 350 милиони евра, со години е во застој. Според досегашните геолошки истражувања, наоѓалиштето располага со резерви кои би овозможиле производство од над 10 илјади тони бакар годишно во период од околу две децении. Проектот со години е предмет на административни постапки, судски процеси и јавни дебати поврзани со економските ефекти и можните влијанија врз животната средина.

Професорот на Рударскиот факултет во Штип, Благој Голомеов, објаснува дека негативната клима кон рударството кај нас е создадена без реална причина, бидејќи современите технологии овозможуваат целосно безбедна работа.

„Овој процес на флотирање на бакарните минерали, бидејќи е мономинерален, само халкопиритот, бакарните минерали, е прилично бенигнен, односно се употребуваат само ксантати, пенливици, и регулатори, вар за регулирање на на средината. Така да 90% од нив и и повеќе се извлекуваат со само со концентратите, кои потоа одат на на топење и се добива чист бакар. Зборот ми е дека постои технологија која може да биде сосема безбедна за примена“, вели тој. 

Според него, со блокадата на овој проект државата губи големи економски придобивки, бидејќи европскиот пазар, кој задоволува едвај 20% од сопствените потреби за бакар, бара нови извори за енергетската транзиција.

„Преку издвојувањата за сите оние за плаќања што се особено платите на вработените, преку ангажирањето на надворешни фирми, економскиот ефект е прилично голем и прилично големо влијание има врз бруто-домашниот производ. Значително влијание врз бруто-домашниот производ. Се проценува дека десетина проценти ќе има влијание врз бруто-домашниот производ, што воопшто не е за занемарување“, изјави Голомеов.

Во меѓувреме, Владата почна постапка за доделување концесии за геолошки истражувања на металични минерални суровини на Истокот од државата. Одлуката е веќе објавена во Службен весник, а опфатени се 27 општини – од Куманово до Гевгелија.

Од „Здрава колтина“ се сомневаат дека се прави простор за отворање рудници кои би имале штетни последици врз животната средина.  Најавуваат отпор, иако засега немаат донесено одлука дали ќе излезат на протести.