Македонија
5. July 2026 - 16:36

Нов внатрешен судир ја тресе СДСМ

Игор Ивановски со јавниот настап во кој искажа сериозни критики кон претседателот на СДСМ предизвика серија реакции на политичката сцена.

Од партиското седиште го обвинија Ивановски дека претставува проект под назив ЗНАМ 2.0 и е директно диригиран од премиерот со цел да ја ослабне партијата одвнатре во моменти кога СДСМ ја враќа довербата кај граѓаните а вмро дпмне опаѓа за повеќе од 150 000 гласови.

Опозицијата тврди дека платформата на Ивановски, во името на Мицкоски, бара укинување на правото на членовите на СДСМ директно и непосредно да го избираат партискиот лидер на демократски избори.

-Сега, истите тие луѓе кои беа дел од раководството и кои ја креираа програмата со која се изгубија изборите, се јавуваат како спасители на СДСМ и бараат реформи - но не од внатре, туку преку притисок однадвор, со вклучување на членови од други партии. Такво нешто не постои во светот само во Циркус - Мицкоски.Особено е апсурдно кога во оваа „платформа“ се појавува и Славјанка Петровска - кој во 2024 година беше носител на листа и министерка во владата на СДСМ. Тогаш кога рејтингот е полош, за тоа е крив некој друг, а таа сега ќе прави реформи?

Владејачката партија на ова вели дека СДСМ практично сами се демантирале и ги потврдиле сопствените внатрешни проблеми.

-Пред два дена велеа дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски стоеле зад овие платформи, за денеска да се самодемантираат и да потврдат дека ударите им доаѓаат одвнатре. Лагите и манипулациите кои ги ширеа кон ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски се доказ за начинот на кој СДС ја води својата политика. Што и да им се случи, веднаш го вперуваат прстот кон ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски, наместо да сфатат дека проблемот е токму во таа мала група на Венко Заев и неговите лојалисти кои ја узурпираа некогаш големата СДС.

Реакциите следат по изјавите на Ивановски кој гостуваше во дневникот на Сител каде зборуваше за затворената средба “разговори за иднината” и упати директни критики кон Филипче кој според него фундаментално се разликувал од СДСМ и не се снаоѓал како лидер.

Ивановски ги отфрли тврдењата дека формира нова партија но испрати остро предупредување до СДСМ да престане со конструкциите и заканите за исклучување на сопартијците.

Најтешкото обвинување го насочи кон партискиот врв и наведе сомнежи за соработка на партискиот врв со структурите на власта. Ивановски објасни дека неговата група нудела добронамерни сугестии и совети без да бара ништо за возврат, но од другата страна наишле на затворени врати и манипулации.