Дали се одложуваат операции на Хирургија поради дефектот во климатизацијата?
Од Заеднички служби не знаат кога ќе стигне потребниот дел од Италија за да се реши проблемот со климатизацијата на хирургија. Поради дефект во системот за ладење и високите температури во операционите сали на Клиниката ТОАРИЛУЦ вчера беа откажани веќе закажани операции и примале само итни случаи. Од министерството за здравство тврдат на сите други клиники непречено биле третирани пациенти.
-Според најновите информации, резервниот (back-up) систем за климатизација функционира непречено и обезбедува соодветни услови за работа и третман на пациентите во клиниките. Инаку, бројот на хируршки интервенции бележи намалување во летниот период, што е вообичаена појава и не е поврзана со состојбата на системот за климатизација, соопштија од министерството.
Дефектот во климатизацијата на хирургија предизвика и партиски критики. Од опозициската СДСМ обвинуваат дека Власта го става во ризик здравјето на граѓаните.
-Кога во хируршките сали нема услови за работа, не се одложуваат само операции. Се одложуваат нечии надежи за оздравување, се продолжува нечија неизвесност, се доведува во прашање безбедноста на пациентите.Кој гарантира дека одложувањата се безопасни, кој ќе сноси одговорност ако се случчат компликации поради чекање за операција? На една Влада, секој пациент треба да и биде важен. Здравјето и нечиј живот не смее да се третираат селективно. Но, на Владата на ВМРО, поважно е да има пари за партиски тендери, отколку за функционален и одржлив здравствен систем, изјави Рената Младеновска – членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Според информации на Сител од Клинички кон крајот на минатата недела поради високите температури прегреал системот за ладење на хирургија, а температурата во дел од салите била неподносливо висока што пак претставува ризик од инфекции за пациентите.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
