Loading Video...
Свет
27. јуни 2026 - 16:34

Речиси 1.000 загинати во земјотресите во Венецуела, над 50.000 се исчезнати

Бројот на загинати во земјотресите во Венецуела се искачи на 920, а повредени се над 3.300 лица. Повеќе од 50.000 луѓе се водат како исчезнати. Спасувачките екипи и граѓаните водат трка со времето за да стигнат до преживеаните.

„Досега, повеќе од 4.000 лица беа погодени од катастрофата. Вкупно 383 згради се оштетени, вклучувајќи и едносемејни и повеќесемејни куќи“, рече претседателот на Националното собрание на Венецуела, Хорхе Родригез.

Илјадници луѓе кои останаа без своите домови и стравуваат од дополнителни свлечишта, ноќите ги поминуваат на отворено. Паркот „Али Примера“ во западниот дел на Каракас стана еден од центрите за привремено засолниште каде веќе престојуваат над 300 раселени семејства.

„Ќерките ми велеа: „Мамо, извади ме од тука, не сакаме да умреме тука“. Кога видоа дека сите ги напуштаат своите домови, се упатија кон ридот. Не сакав да ја напуштам куќата сама бидејќи криминалците провалуваа во домовите, чекајќи луѓето да излезат за да можат да влезат и да им ги украдат работите“, вели жителка.

Волонтери со мотори носат облека, обувки и чаршафи. Сепак, недостигаат основни средства како влажни марамчиња, пелени, душеци и средства за хигиена. Властите упатија апел до граѓаните да избегнуваат самоиницијативно патување кон Ла Гваира, бидејќи пренатрупаните патишта ја попречуваат механизацијата на спасувачките служби.

„Спиеме на улица, бараме храна. Немаме куќа, немаме дом. Државата е во целосна катастрофа, а има многу деца и многу луѓе кои сè уште не се пронајдени. Преживуваме. Бараме меѓународна и национална помош. Неопходна ни е помош. Потребата е многу, многу голема“, изјави жителка.

Ла Гваира е едно од најтешко погодените подрачја каде најмалку 100 згради се претворени во купови бетон и искршен метал. Тимови со голи раце, лопати и импровизирани алати копаат по урнатините.

„Со цел да ги спасиме животите на луѓето кои можеби се заробени, на пример во зградите зад нас, велат дека се јавуваат на телефон и дека некој одговара, а се слушаат и детски плач и повици за помош. Затоа, за да провериме дали навистина има преживеани, ќе направиме сѐ што е потребно: ќе користиме техники на повикување и слушање, термални камери, дронови и кучиња-трагачи, за да ги пронајдеме оние кои се живи“, кажа Роберто Гавидија, спасител.

Меѓу оние кои неуморно пребаруваат е и Симон Медина.

„Ги барам моите најблиски – мајка ми и помалиот брат. Единствено што знам е дека биле во станот. Јас не бев таму. Се обидуваме да најдеме што било, да разбереме што се случило и да пронајдеме барем нешто. Дури и ако најдеме само лични работи или документи, би било добро да ги пронајдеме. Продолжуваме да бараме“, вели тој.

Според Обединетите нации, на терен се околу 2.000 меѓународни спасувачи, а дополнителни тимови пристигнуваат секојдневно.

Меѓународна помош пристигнува од Соединетите Американски Држави, Мексико, Шпанија, Велика Британија и Франција, која вклучува спасувачки тимови, медицинска помош, дронови, кучиња-трагачи и хуманитарна опрема.

Во средата, Венецуела ја погодија два силни земјотреси со јачина од 7,2 и 7,5 степени според Рихтер. Катастрофата доаѓа во период на долготрајна економска и политичка криза во земјата, која со години ги ослабува јавните служби и инфраструктурата и придонесува за масовна миграција.