Преглед на вестите од светот
Блискиот Исток е на чекор до отворен воен судир. Шест американски борбени авиони погодија радарски инсталации и складишта за ракети во Иран, како одговор на нападот со дрон врз сингапурскиот голем товарен брод „Евер Лавели“ во теснецот. САД предупреди дека на насилството ќе се одговори со насилство.
Реакцијата од Техеран пристигна експресно.Со беспилотни летала беа нападнати американски воени цели во Бахреин, што предизвика жесток револт во ова заливско кралство и итен апел до Советот за безбедност на ОН. Мировните преговори во Швајцарија сега висат на конец.
Европа се бори со историски топлотен бран кој се движи кон североистокот. Дури 193 милиони луѓе денеска се изложени на температури над 35 степени целзиусови, а најкритично е во Германија и Унгарија.
Додека Велика Британија и Франција рушат јунски рекорди со измерени речиси 41 степен во Париз, граѓаните во неприлагодените станови се спасуваат со импровизации и фолии на прозорците.
Во Италија, реката По се соочува со драматична еколошка криза две третини од нејзиниот проток исчезнаа, а солената морска вода навлезе 18 километри навнатре во копното, уништувајќи ги каналите за наводнување на посевите.
Украина е погодена од нов бран интензивни напади. Најмалку тринаесет лица, меѓу кои и две деца, се повредени во нов руски напад со беспилотни летала врз станбени објекти во северниот украински град Суми. Спасувачките служби извлекуваат цивили од запалени згради во овој пограничен регион, кој е под речиси секојдневен артилериски оган.
Војната ескалира и на источниот фронт во Донечката област. Руските сили се на чекор до заземање на стратешкиот град Костјантинивка, кој важи за клучен столб на украинската одбрана.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека во текот на изминатата недела Русија употребила околу 1.400 дронови, речиси 1.500 наведувани бомби и повеќе ракети од различни типови во нападите врз земјата.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
