Дуел со квалификации меѓу Филипче и Мицкоски на пратенички прашања
Вербален дуел меѓу опозицискиот лидер Филипче и премиерот Мицкоски на седницата за пратенички прашања по повод половината од мандатот на Владата. Додека Филипче и Мицкоски си разменуваа квалификации, пратениците со довикувања и аплаузи ги бодреа своите лидери.
„Ќе излезете ли и ќе им кажете на граѓаните, отворено и искрено, дека потфрливте и дека ништо од ветувањата не исполнивте? Вашиот резултат по две години е една голема нула – нула за реформи, за зголемување на платите, за мерки за младите, за поддршка на земјоделците, нула за европскиот пат. И сега моето прашање е просто и едноставно – кој е виновен за овие неисполнети ветувања? Кој е виновен, премиере, за овие две изгубени години? Половина мандат помина. Ќе излезете ли и ќе им кажете на граѓаните, отворено и искрено, дека потфрливте и дека ништо од овие ветувања не исполнивте?“
„Велите дека секој трет човек планира да ја напушти Македонија, но знаете ли зошто? Затоа што ве гледаат вас во Дубаи како уживате на концерт на Харис Џиновиќ, а не сте во затвор. Затоа што гледаат како поранешни функционери уживаат на јахти, а не се во затвор и не даваат одговор зошто се таму. Е, затоа се разочарани луѓето. Кога ќе ве видат зад решетки, тогаш ќе бидат среќни и задоволни затоа што правдата дошла.“
„Јас признавам дека сум виновен што поминаа две години, а вие сè уште уживате на јахтите во Палјури, наместо на друго место. Признавам дека сум виновен. Но, исто така ве гледам во очи и ви ветувам дека повеќе нема да ги разочаруваме македонските граѓани, гледајќи како поранешни функционери уживаат на јахти и во мелосот на Харис Џиновиќ. Ете, тоа е желбата на народот“, рече Мицкоски.
Мицкоски ја обвини Бугарија дека поради нејзините постапки не бил искористен целиот фонд од европските средства, тврдејќи дека го користи инструментот на уцени.
„Соседна држава на Македонија шири информации ЕУ да не ѝ помага финансиски на Македонија, да ѝ се скратат сите фондови од ЕУ, затоа што, ако ѝ помага, Македонија ќе напредува. Во спротивно, ако нема европски фондови за Македонија, тогаш ќе дојде пред банкрот, ќе биде приморана да клекне и да моли, а на тој начин ќе се реализира тоа што се бара од неа“, соопшти премиерот Христијан Мицкоски, повикувајќи се на сознанија од мултилатерални и билатерални средби, без да открие која соседна држава-членка на ЕУ ја шири оваа теза.
Албанската опозиција, пак, сè уште останува фокусирана на етничките прашања.
Ова се претпоследните пратенички прашања пред Собранието да замине на колективен одмор. Спикерот Гаши веќе најави дека народните избраници во наредните недели ќе имаат набиена агенда поврзана со европската агенда, ребалансот на Буџетот и реконструкцијата на Владата.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
