Поевтинуваат горивата, Мицкоски бара маркетите веднаш да ги намалат цените на основните производи
Поевтинуваат горивата. Регулаторната комисија ги донесе новите цени. Од полноќ, Бензиниот БС-95 ќе се продава по 84 денари, 98-октанскиот ќе чини 86, а дизелот ќе се точи за 80,5 денари по литар.
Намалувањето на цените следи по остриот пад на светските берзи откако Ормутскиот теснец беше отворен за сообраќај. Барел нафта од типот брент се продава по околу 80 долари. Премиерот Мицкоски очекува периодов да се задржи оваа цена. Позначајни ефекти не очекува веднаш затоа што на танкерите кои заглавени во Заливот ќе им требаат месец дена за да стигнат до дестанцијата.
Владата успеа да го ублажи ценовниот шок, преку намалување на ДДВ-то и кратење на акцизите. Министерката за финансии Кочоска, вели дека е тешко да се направат прецизни пресметки колку овие мерки ја чинеа државната каса, затоа што има и индиректни ефекти. Но, според досегашните пресметки, буџетот останал покус за околу 24 милиони евра само поради намалувањето на акцизите.
„Нашите пресметки покажаа дека некаде една и пол милијарда денари треба да ја корегираме акцизата. Но, мора да бидеме внимателни, затоа велам тешко е да се направат проекциите. Не заборавајте, во изминатиот период ја имавме најниската цена на нафтата во регионот. Се сеќавате дека редици автомобили со странски таблици точеа бензин во Македонија, што значи дека и покрај тој позитивен ефект намалуваме 1,5 милијарда. Кога не би било купувањето од странските лица сигурно негативниот ефект би бил поголем, односно тоа е она што Владата го даде како поддршка на граѓаните и стопанството“, кажа министерката.
Со поевтинувањето на горивата, топката сега е кај трговците. Премиерот уште за денеска ги свика на итен состанок сопствениците на маркети и дистрибутерите од кои ќе побара веднаш да ги намалат цените на основните прехранбени производи. Пораката на премиерот е дека кризата завршува и дека сега е ред компаниите да им вратат на граѓаните за трпението.
„Оправдување и изговори не прифаќам, од типот „не ни ги качиле, не ни ги намалиле цените“ и слично. Доколку не се види реакција од страна на маркетите, дистрибутерите и производителите во следните денови, тогаш ние како Влада ќе реагираме. ќе направиме некои споредби какви се цените во регионот, какви се цените кај нас за некои од основните прехранбени производи и во одредени маркети, ако треба, и по име и по презиме од утре јавно ќе ги објавуваме ние, па понатаму оставаме на нив“, истакна премиерот Мицкоски.
Во меѓувреме од СДСМ велат дека работниците живеат потешко, социјално-ранливите граѓани биле заборавени од државата, а пензионерите изманипулирани.
„Македонскиот работник зема најниска плата во Европа, со која едвај издржува до половина месец. ВМРО ветуваше намалување на сиромаштијата, а уште во првата година од мандатот донесе зголемување од 22%. Ги изиграа и пензионерите. Со лажна кампања ги придобија, за потоа да им ги скратат и украдат парите. Ако се задржеше нашиот систем, најмалото зголeмување на пензиите ќе беше околу 1.500-1.600 денари, а најголемото 3.500 денари. ВМРО не исполни речиси ништо од клучните ветувања за помош на најранливите граѓани. Нема зголемување на гарантираната минимална помош за 10% на годишно ниво. Нема зголемување на посебниот додаток за 30%, ниту се зголемени надоместоците за родителите кои се грижат за деца и лица со попреченост“, изјави пратеничката од СДСМ, Тренчевска.
Државна статистика измери годишен раст на инфлацијата во мај од 4,8%. Синдикатот, пак пресмета дека на едно четиричлено семејство, за да ги покрие најосновните трошоци месецов, му требаат над 68.600 денари.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
