Македонија
22. јуни 2026 - 16:29

Нема решение за 50-те лица кои останаа без договори за работа на Детска клиника

Протестот на 50 лица кои со месеци работеле на Клиниката за детски болести без договори и без  плата, засега без решение на повидок. Кон крајот на април добиле негативно мислење од финансии за продолжување на нивниот ангажман, а министерката денеска со прашање – како оделе на работа без договори. Димитриеска Кочоска вели дека не одбиле барање за доктори и медицински лица а за техничкиот персонал Детска требала да си планира буџет.

Директорот на клниниката, пак, вели дека од овие лица 23 се здравствени работници и тоа медицинскисестри, лаборанти и биолог. 

- Мислам дека ова прашање треба да го одговори директорот на болницата и како тие луѓе доаѓале на работа, а притоа немале договори. Јас не познавам некој таков да оди на работа, а да нема договор. Прашајте го директорот, треба тој да ви одговори на ова прашање. За техничкиот персонал треба финансиско покритие, вели Гордана Димитриеска Кочоска, министер за финансии. 

Директорот на Детска за Сител одоговори дека не може некого да ангажираат без добивање на согласност а за 50 –те лица кои останаа без работен ангажман бил испланиран буџет. Но министерката за финансии вели дека не може согласноти само за една клиника и треба да ги следат и потребите на останатите здравствени установи. 

- Минатата година, кога се добарани согласности за договори на дело, во исто време се дадени и согласности за вработување на неопределено на 38 лица. Ако 38 согласности сме дале на неопределено, сме унапредиле доктори, преземале од други клиники и повеќе од 65 лица во суштина се вработени, мислам дека не можеме да даваме согласности само за една клиника, вели Кочоска. 

Од раководството на Детска клиника најавија дека утре на прес конференција ќе дадат подетални објаснувања за ангажирањето на лица со договор на дело.