Уапсен поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски
Уапсен поранешниот претседател на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски. Заедно со неговиот наследник Мухамед Сејдини обвинителството ги товари дека предизвикале штета на буџетот на ФФМ за 2,5 милиони евра во времето додека двајцата биле на раководни функции.
Според обвинителството, нелегалните дејствија од финансиски карактер се случувале од 2015 до 2019 година. Во координираната акцијата на ОЈО ГОКК и Финансиска полиција освен нив, опфатени се и други 16 физички и 8 правни лица се товарат за проневера во служба и перење пари.
„Двајцата осомничени претседатели на ФФМ, во различни временски периоди, иако биле должни да обезбедат законито, економично, наменско и транспарентно користење на финансиските средства и да вршат контрола над финансиското работење на федерацијата, одобриле и потпишале вкупно 728 налози за исплата доставени од страна на осомничената раководителка. Со тоа овозможиле исплата на парични средства без целосна и валидна финансиска документација и без претходна проверка на основаноста и намената на исплатите“, велат од обвинителството.
Осомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство, со цел да ги прикрие незаконските исплати кон повеќе правни лица, вршела манипулации со сметководствената евиденција на ФФМ.
„Најнапред плаќањата ги евидентирала како намалување на обврски по основ на влезни фактури, а потоа вршела измени на веќе евидентираните налози за книжење, бришејќи ги обврските и евидентирајќи ги како трошоци без наведување на конкретна фактура, услуга или деловен партнер. Со ваквите постапки предизвикала сметководствената евиденција на ФФМ да содржи нецелосни, неточни и манипулирани аналитички картици за деловни партнери и трошоци“, појаснуваат од обвинителството.
Акцијата доаѓа по пријава на Финансиска полиција поднесена во 2020 година против 11 физички и 14 правни лица, осомничени за злоупотреби во ФФМ.
Осомничените управители пак сопственици и овластени лица во правните лица, во име и за сметка на правните лица, издавале фактури со невистинита содржина за наводно извршени услуги и испорачани стоки кон ФФМ. Врз основа на тие фактури, осомничената раководителка изготвувала налози за исплата кои биле доставувани до одговорните лица во ФФМ за одобрување и потпишување. На овој начин на ФФМ ѝ била причинета штета во наведениот износ, додека правните лица се стекнале со противправна имотна корист.
Потоа, средствата прибавени со кривичното дело биле примани, раситнувани, пуштани во оптек и користени во финансискиот промет со цел прикривање на нивното незаконско потекло.
Освен за Ѓорѓиоски и Сејдини обвинителот бара притвор за уште 8 инволвирани, а за седум ќе бидат предложени соодветни мерки за обезбедување на нивното присуство во текот на постапката.
Второосомничениот во овој случај Сејдини е веќе во притвор. Тој беше уапсен пред два месеци и се сомничи пак за проневера од 700.000 евра од УЕФА на ФФМ за поддршка и изградба на трибина во Охрид.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
