Македонија
17. јуни 2026 - 16:36

8 години од Преспанскиот договор

Осум години од историскиот Преспански договор кој стави крај на деценискиот спор со Грција. Договорот го потпишаа шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во грчкото село Нивици. Со тоа Република Македонија го смени името во Република Северна Македонија, а Грција призна македонски јазик и македонски идентитет.

Три месеци подоцна Македонија излезе на референдум за да се изјаснат за прашањето „Дали сте за членство во Европска Унија и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.

Излегоа само 36,91 отсто од гласачите. Иако тоа е под потребниот сензус, сепак одлуката за, за која гласаа 91,47 од гласачите беше усвоена.

Денеска, осум години подоцна сѐ уште постојат прашања кои со Договорот беа регулирани, но никогаш не беа исполнети, и тоа главно од грчка страна. Македонија речиси веднаш исполни голем дел, како промена на уставното име, Уставот, менување на пасошите, регистарските таблички, менување на имињата на Министерствата и слично. Атина сѐ уште не ги усвои трите меморандуми за соработка од 2019 година. 

Премиерот Мицкоски коментирајќи го Преспанскиот договор рече дека тоа е лекција за оваа Влада - како се води надворешната политика, бидејќи пред Договорот ветувано беше многу, но освен членството во НАТО, речиси ништо не беше исполнето.

- Тогашните евробирократи ни ветуваа дека ќе имаме големи придобивки до потпишувањето на тој Договор, бесплатно и поквалитетно здравство, бесплатно и образование, повеќе за младите итн, веднаш ќе влеземе во НАТО, веднаш ќе влеземе во преговорите и ќе ги завршиме. Ништо од тоа не се случи. Нормално, ако тука се исклучи членството во НАТО, сето останато не се случи. Поечни од тие лекции во минатото, ние денеска ја водиме нашата надворешна политика која не е составена од гланцање чевли во Брисел и коленичење, туку надворешна политика која се темели на аргументи, вели Мицкоски.

Билатералните односи меѓу Скопје и Атина се нормализираа. Но, освен двете меѓувладини средби во 2019 и посетата на поранешниот претседател Пендаровски на Атина, политичарите никако да се договорат за средба.

- Немам јас никаков проблем да се среќавам и да разговарам со сите соседи, со сите претставници на влади од нашето соседство. Ние со нашиот јужен сосед работиме на многу проекти, меѓу кои се меѓународниот гасен интерконектор, тука е нафтоводот којшто го поврзува солунското пристаниште со нашата рафинерија. Исто тука имаме и друг тип на проекти, прекугранични, коишто ги работиме со нашиот јужен сосед. Со Киријакос Мицоатикс ние сме во иста група, ЕПП, со Неа демократија се гледаме таму. Еве, сега се видовме во Тиват. Така што, јас не живеам во стереотипи или антагонизам, вели Мицкоски

Но каде ќе бевме денес, ако спорот се решеше на почетокот на 90-тите? Вакво прашање денеска постави првиот човек на СДСМ, Венко Филипче.

- Ние сега од оваа временска дистанца осум години како сме земја-членка на НАТО, дел од најмоќниот воен сојуз. Нешто што поттикнува инвеститори да дојдат, да инвестираат, што видовме за време на нашите мандати. За жал сега оваа власт тоа не го прави. Не го практикува, едноставно, немаат капацитет и да ја водат економијата како што трбеа. Треба да си го постигнеме следното прашањто: Каде ќе бевме сега да тој повеќедеценициски спор беше решен на почетокот на 90-тите години? Дали ќе бевме во рангот на една Словенија, а сум прилично сигурен дека ќе бевме, рече Филипче.

Осум години подоцна Македонија повторно е заглавена на патот кон Брисел. Со Грците се договоривме, но следеше вето од Франција, па од Бугарија се до Францускиот предлог, кој не условува со уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот и не остава повторно во чекалната.