Македонија
16. јуни 2026 - 16:33

Приведен 44 годишeн скопјанец за палењето на возилата на бугарската амбасада

44 годишен скопјанец со иницијали И.Д е лицето кое го подметнува пожарот врз возилата на амбасадата на Бугарија. Осомничениот е во полициска станица, а според првиот човек на МВР, засега не е познат мотивот за подметнувањето на пожарот.

Од министерството за внатрешни работи велат дека во соработка со Агенцијата за национална безбедност, лицето кое го подметнува пожарот, било веднаш идентификувано. Тошковски го осуди инцидентот и рече дека таквото насилство нема да се толерира.

„Огромна осуда лично од моја страна и од страна на сите оние, ќе повторам, политички фактори во државата на какво било насилство, особено насилство насочено кон оштетување предмети што се во сопственост на соседна држава, особено таков тип на насилство, треба да биде предмет на осуда и е предмет на осуда“, изјави, Панче Тошковски, Министер за внатрешни работи.

По палењето на двете возила на бугарската амбасада во Скопје, бугарската претседателка остро го осуди инцидентот и го оцени како напад врз државата. Во исто време време, таа предупреди дека постојат обиди во последен момент да се измени резолуцијата за напредокот на Македонија во Европскиот парламент, особено делот за заедничката историска комисија.

Според Јотова, наредните денови ќе бидат клучни, а од европратениците, очекува разум при носењето на одлуките.

„Искрено се надевам дека моите колеги пратеници ќе најдат време да се занимаваат со вчерашниот инцидент кој е без преседан – палење на дипломатски возила. Тоа припаѓа на бугарската држава и лично го гледам како напад на Бугарија“, изјави Илијана Јотова, Претседателка на Бугарија.

Двете дипломатски возила паркирани пред амбасадата на Бугарија, беа запалени вчера напладне. На снимките од безбедносните камери, се гледа како мажот прво ги полева двете возила со бензин, ги потпалува и бега во правец кон центарот на градот.