Македонија
16. јуни 2026 - 16:29

Измените на Законот за трансплантација поминаа на Влада, во Собрание ќе биде доставен по скратена постапка

Пациент со две механички пумпи, седум години чека ново срце и шанса за нормален живот. На листата за трансплантација на бубрег има лица кои и повеќе од една деценија одат на апаратите за прочистување на крвта чекајќи орган а во истата зграда на клинички, болни со месеци се хоспитализирани поради здравствената состојба додека добијат повик за нов црн дроб.

Измените на законот за земање и пресадување делови од човечко тело заради лекување денеска поминаа на владина седница и во Собрание ќе биде доставен по скратена постапка. Новото законско решение треба да го олесни процесот за органодонорство бидејќи секој поединец кај матичниот лекар може да потпише согласност дека по смртта сака неговите органи да бидат донирани.  

-Се јави пациент од Башино село и беше сериозен во своите ставови и размислувања. Докторке, каде треба да потпишам ако нешто ми се случи да ги донирам своите органи, што навистина пријатно ме изненади. По толку дебатни емисии, зборувања е подигната малку свеста кај граѓаните и има поголем број граѓани кои сакаат да се изјаснат и да кажат. Ние сите сме сведоци дека ниту еден проект  не може да биде успешен и да финализира без матичните доктори, изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова, матичен лекар. 

На околу 200 пациенти во државата кои се на листите за трансплантација секој ден им е борба и неизвесност чекајќи телефонски повик кој треба да им даде нова шанса за живот.

За зголемување на свесноста за органодонорството имаше неколку панел дискусии во повеќе градови во државата а вчера беше одржана и јавна трибина каде присуствуваа покрај медицински лица и верските лидери и премиерот со што ја покажаа нивната поддршка за спасувањето на човечки животи.