Македонија
23. May 2026 - 16:27

30 дена притвор за возачот на камионот по трагедијата на скопската обиколница

Возачот на камионот кој ја предизвика сообраќајката на скопската обиколница од синоќа е во притвор.. Според одлуката на судот определен му е 30 дневен притвор бидејќи постоела опасност тој да побегне или да го повтори кривичното дело.. Јавното обвинителство, го гони 76 годишниот возач од Косово за тешки дела во сообраќајот, бидејќи, се сомнева дека тој не се придржувал до прописите и така го загрозил сообраќајот, а во опасност ги довел и животите на луѓето..

„Кога дошол во близина на клучката Мирковци, брзината на движење на возилото не ја приспособил спрема својствата на патот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, така што навремено да го запре возилото пред секој пречка што под дадени услови можел да ја предвиди“, велат од Јавното обвинителство.. 

Според обвинителството, возачот прво изгубил контрола над возилото, па свртел во лево, ја прегазил заштитната ограда и удрил во автомобилот кој се движел по спротивната автопатска делница.. Од ударот двете возила се запалиле, а четворицата патници во автомобилот починале.. 

Условите на патот, според сообраќајните инженери најверојтно не биле причина за несреќата.. Делницата била права, коловозот не бил влажен, а ниту заштитната ограда можела да го сопре движењето на камионот..

„Каква и да е еластичната заштитна ограда, вакво масивно возило во зависност од брзината, што поголема брзина нели, поголема е и кинетичката енергија и прашање е колку таа ќе може тоа да го спречи преминувањето од едната на другата страна. Огрдата е релативно ниска во однос на камионот, па тој не мора да ја пробие, може преку неа, од ударот, поради брзината, преку неа истиот, буквално да прескокне преку оградата и да помине во другата коловозна лента“, изјави Дејан Трпевски, сообраќаен инженер. 

Според експертите, тешко ќе се утврди со која брзина се движел камионот бидејќи заради пожарот, најверојатно е уништен тахографот.. Со технички преглед ќе се утврди дали пред несреќата се случил дефект на возилото.. Како клучна се смета и здравствената состојба на 76 годишниот возач..

„Ангажирање на лице со 76 години, да вози шлепер, мислам дека не е воопшто коректно од страна на тие кои што го ангажирале. Претпоставувам дека возачот имал важечка сообраќајна дозвола, но дали бил присхо-физички подготвен за да управува вакво возилона 76 години е големо прашање“, вели Трпевски. 

Во сообраќајката која се случи завчера, загинаа четири лица, баритонот на Националната опера и балет, неговиот 20 годишен син и двајца негови врсници кои се возеле со возилото..