Македонија
21. May 2026 - 16:35

Филипче со нов повик до Мицкоски: Уставните измени да ги направиме заедно и да споделиме одговорност

Власта и опозицијата заедно да ги направат уставните измени и да ја споделат одговорноста. Првиот човек на СДСМ со нов повик до премиерот и власта, овој пат од собраниска говорница на Панел дискусија за проширувањето на Европска Унија. Вели, опозицијата е подготвена да ја сподели одговорноста и во делот на преговорите со Унијата и дека тие нема да задираат во идентитетот и јазикот. Филипче бара да не го испуштиме возот зашто вратите на ЕУ може да останат затворени со децении.   

- Го повикувам Христијан Мицкоски, власта, заеднички да ги направиме уставните измени. Притоа, заеднички ќе ја споделиме одговорноста на тој политички чин ние како коалиција која ја предводи СДСМ. Да не го пропуштиме моментот, ќе останеме по страна, нема да имаме шанса, нема да можеме да преживееме, нема да има пари од каде да земеме, ќе тонеме во сиромаштија, а младите ќе заминуваат од земјата, вели Филипче.

Власта е целосно посветена на реформите кои од нас ги бара Европска Унија. Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков вели дека власта не зборува само за членство, туку за европеизација на системот и создавање на држава во која младите ќе сакаат да ја градат својата иднина, а институциите ќе функционираат одговорно.

- Западниот Балкан мора да биде дел од големото европско семејство. Не само поради географијата, туку поради заедничките вредности, безбедноста и иднината што заеднички ја споделуваме, вели Трајков.

Во контекст на предлогот на германскиот канцелар Мерц, но и на пет европски држави, Австрија, Италија, Чешка, Словачка и Словенија за засилена интеграција врз основа на постигнати критериуми на земјите од Западен Балкан во Европскиот единствен пазар пратеникот Милошоски вели дека за сите земји од регионот многу е важно да имаат заедничка консензуална понуда од Унијата за тоа што тие сметаат дека можат да го овозможат за земјите-кандидати од регионот. 

- Овие две понуди упатуваат и на заклучокот дека полноправното членство никој не го нуди на тацна сега и веднаш. Овие две понуди укажуваат на тоа дека и во самата Европска Унија земјите-членки се свесни дека овој процес и за нив не е лесен. И затоа веројатно предлагаат решенија коишто значат побрзо, но сепак постепено придружување кон заедницата на земји-членки на Европска Унија, рече Милошоски.

Има простор за земјите кандидатки, но за тоа ќе бидат потребни храброст, политичка волја, многу реформи и обединетост, вели амбасадорот на Кралството Шведска во земјава.

- Тоа вреди да се направи. Северна Македонија припаѓа во Европска Унија, Северна Македонија ја чека неверојатна иднина во Европска Унија како полноправна членка и вредат жртвите, реформите. Тоа е моето убедување. 

На дискусијата дебатираа и претставници на други европски држави, но и пратеници и експерти. Во време кога светот тоне во тотално безумие, тешки се одлуките кои треба да ги донесе било која владејачка структура. Во такви моменти помога само единство и разумна потрага по решенија.