Македонија
21. May 2026 - 16:34

Утре прва официјална средба Муцунски-Чамова

Утре ќе се одржи првата официјална средба Муцунски-Чамова. Според информации од МНР, на маргините на НАТО состанокот во Шведска, Муцунски ќе се сретне со својата нова бугарска колешка Велислава Петрова Чамова.

Средбата доаѓа на иницијатива на Муцунски кој минатата недела информираше дека испратил покана за средба, за како што рече да се одржи дијалогот со Бугарија, без разлика на спротивните ставови за македонската евроинтеграција.

Средбата утре попладне ја потврдија и од бугарска страна, додека бугарските медиуми денеска ја пренесуваат изјава на Чамова пред пратениците дека Бугарија нема да дозволи репреговарање на веќе усвоената европска рамка за земјава.

Европската интеграција на Северна Македонија зависи од спроведувањето на европскиот консензус постигнат во јули 2022 година. Бугарија цврсто се спротивставува на сите обиди на Северна Македонија да ги заобиколи или повторно да ги преговара тие обврски. Преку својата мрежа на дипломатски мисии во земјите-членки на ЕУ и во Македонија, Министерството за надворешни работи активно работи на спречување на какво било отстапување, заобиколување или оспорување на веќе преземените обврски, е ставот на Чамова пред утрешната средба со Муцунски.

Ова ќе биде прва официјална, по кратката средба која двајцата министри ја имаа пред 10 дена во Брисел, по која си разменија остри пораки. Употребата на терминот северномакедонски партнери од страна на Чамова која за бугарските медиуми изјави дека имале „добра прва средба“ на која ги повторила ставовите на Софија, предизвика реакција од Муцунски. 

Македонскиот шеф на дипломатијата средбата ја опиша како кратка размена на зборови, а употребата на терминот северномакедонски како несоодветен за означување на македонскиот народ. Ден подоцна МНР му упати и устен демарш на бугарскиот амбасадор Радуков.