Македонија
20. May 2026 - 16:41

Усен демарш за амбасадорот на Албанија во Македонија

Албанскиот амбасадор во земјава утрово бил повикан на консултации во МНР по коментарите и поддршката на студентите Албанци кои на почетокот на неделава се одржаа во Скопје. Дипломатски извори на Сител велат дека наместо амбасадорот, во МНР утрово дошол неговиот заменик на кого му бил пренесен усен демарш и предочено дека последните јавни настапи на амбасадорот Денјон Мејдани земјава ги доживува како мешање во нејзините внатрешни работи.

Според неофицијалните информации, од албанската дипломатија било побарано да се внимава на односите меѓу двете земји кои традиционално се одржуваат во хармонична и пријателска атмосфера. 

Амбасадорот Мејдани, реагираше на социјалните мрежи во врска со задржувањата и доцнењата на студентите од Албанија на границата со Македонија, додека патувале за да го поддржат протестот за правото на употреба на албанскиот јазик на правосудниот испит критикувајќи ја македонската демократија и европски вредности. 

Премиерот утрово директно не го коментираше овој случај но потврди дека имало надворешно мешање во студентските протести

ТОНСКО: Христијан Мицкоски – Претседател на Владата

Ова не е првпат албанскиот амбасадор Мејдани да излегува надвор од дипломатскиот бон тон. Тој реагираше и кога Законот за јазиците се најде пред Уставниот суд, коментирајќи дека албанскиот јазик не е прашање на судови.

Во февруари влезе и во јавна полемика со Вреди, што дел од медиумите го пренесоа како главна причина за неговото заминување. 
Копретседстелот на Вреди денеска демантира дека барал повелкување на албанскиот амбасадор иако не го криеше незадоволството од неговата дипломатија.   

Дел од албанските медиуми веќе објавија дека амбасадорот Мејдани наскоро ќе си замине од Македонија и дека веќе е прераспределен на друга мисија. Албанското МНР официјално демантираше дека го повлекува Мејдани но не ја отфрли можноста тој да биде префрлен во друга амбасада, коментирајќи дека албанската дипломатија ги  отпимизира кадровските ресурси во согласност со приоритетите на надворешната политика.