ОЈО ГОКК води предистрага за можна шпионажа во кабинетот на Претседателката Сиљановска Давкова
Дали некој од кабинетот на Претседателката Сиљановска Давкова издавал државни тајни? Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција води предистражна постапка, а МВР врши анализа на електронски доказен материјал.
Од ОЈО ГОКК информираат дека по добиено известување од министерството за внатрешни работи кон крајот на минатата година за преземени недозволени активности од висок државен интерес веднаш отвориле предизтражна постапка и биле издадени наредби за пребарување на компјутерски систем , со цел утврдување на содржините што евентуално биле неовластено преснимени од информативниот систем во Кабинетот на Претседателката. До обнинителството биле доставени и два мобилни телефони одземени од пријавениот за вештачење, а од таму побарале и обезбедување на копии од видео надзорот, но од СОЗР добиле известување дека тоа било надлежност на МВР.
- До денес, и покрај сериозноста на предметот, чувствителноста на околностите и значењето на навременото постапување, немаат добиено известување од МВР за резултатите од преземените дејствија, ниту за прибраните докази, велат од ОЈО ГОКК.
Од Секторот за компјутерски криминал при МВР пак велат дека постапуваат по наредбите добиени од Обвинителството
- Во тек е анализа на сите електронски докази кои се екстрахирани од одземената опрема. Напоменуваме дека станува збор за поголема количина на електронски доказен материјал за кој е потребен поголем временски период.
Анализата е во завршна фаза и во наредниот период целокупниот доказен материјал ќе биде доставен до ОЈО за ГОКК, велат од МВР.
Според Премиерот нема шпионска афера во кабинетот на Претседателката.
- Тоа е шпионски талог на општеството, структури од минатото коишто се наоѓале во кабинетите како глодари на некои поранешни политичари, претседатели, премиери итн. и тие се претставуваат како група вработени и испраќаат анонимни дописи до обвинителства. Се разбира, таму е Ислам Абази веднаш да истрча и да создаде паника во јавноста дека нешто се случувало. Јас не би ги коментирал овие глодари затоа што мислам дека треба да ги заборавиме, изјави Христијан Мицкоски, Премиер.
Инаку според анонимната кривична пријава потпишана од група вработени во МВР се сомничи ИТ-администратор во Кабинетот на Претседателката, кој наводно копирал, енкриптирал и складирал доверливи податоци и наводно бил поврзан со разузнавачка служба.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
