Македонија
20. May 2026 - 16:39

Кругови со оган, факели, прскалки и пиротехника низ годините се користеле во „Пулс“

Музички точки со кругови од оган, факели, прскалки и пиротехника-Обвинителството во судница  презентираше настапи на изведувачи во Пулс низ годините, кои самата дискотека си ги објавувала на социјалните мрежи. 

“Дали ја слушнавте приказната на Пулс и огнот?” е напишано во една од објавите каде танчери изведуваат точка со оган. Со ова Обвинителството ќе докажува дека пиротехника се користело често во дискотеката, од сликите кои беа прикажани во судница Обвинителството тврдеше дека имало само една врата, а никаде знак за излез. 

Несериозно е Обвинителството преку слики од социјалните мрежи да го убедува судот и јавноста дека во дискотеката не биле исполнети минимално техничките услови, велат адвокатите. Според нив станува збор за несреќен случај предизвикан од прскалките кои ги користеле ДНК за време на настапот. 

Родителите пак се гневни бидејќи судот се претвора во циркуз од процедурални игри наместо да се бара правда за 63 згаснати животи. Најпоразително е тоа што правилата во судницата не важат за сите, адвокатите прават шоу, а родителите се отстрануваат од судница, вели Александар Наунов. 

На денешното рочиште се презентираше и обемна документација и скици од постоење на објекти на местото каде денеска се наоѓа изгорената дискотека.