Македонија
16. May 2026 - 16:26

По повеќе од три децении започна пробивање и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“

По цели три децении конечно започна пробивање и доизградба на булеварот„Борис Трајковски“. Веќе две недели багерите се на терен, а трасата е пробиена 90 проценти. Проектот за кој се издвоени два милиони евра треба да резултира со целосно нов коловоз, долг еден километар.

„Овој километар опфаќа нова атмосферска канализација, пешачки и велосипедски патеки и, пред сè, безбеден коловоз, бидејќи ова место во минатото важеше за една од црните точки во овој регион на градот Скопје“, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Откако ќе се постави неопходната инфраструктурќе,  ќе започне и поставувањето на два слоја асфалт.

„Ќе следува и завршен, односно завршен „wearing“ слој на асфалт, кој ќе го опфати потегот од кружниот тек пред влезот во Драчево до Пинтија, во должина од околу два километри, бидејќи едната половина во минатото беше оставена без завршен слој“, додаде Ѓорѓиевски.

Коловозот е од особено значење бидејќи поврзува над 100.000 граѓани од Драчево, Зелениково и Студеничани. Според договорните рокови, треба да биде готов пред Нова Година, но градоначалникот е оптимист дека тоа ќе се случи и порано.  Паралелно со булеварот Борис Трајковски, градежна офанзива има и кај Момин Поток – проект кој се влече уште од 2021 поради нерешено имотно-правни односи. Сега Ѓорѓиевски тврди дека проблемите се решени , а делницата треба да биде финализирана во текот на 2026-та.

Освен градежна офанзива, градските власти најавуваат и засилување на комуналната. За две недели отсега, треба да стигнат нови 2.600 контејнери кои треба да го решат проблемот што на одредени локации каде се потребни шест, има само еден. Ѓорѓиевски најави дека ќе стигнат и  40 нови камиони за потребите на градот.