Македонија
15. May 2026 - 16:35

ЕСМ: Обвинителството ги искривило исказите на инженерите

Обвинителството ги искривило исказите на инженерите за да ги искористи како изговор да го прекине кривичното гонење во случајот мазут, тврди државната ЕСМ. Оттаму додаваат дека  лицата повикани во предистражната постапка не биле ниту овластени, ниту компетентни да даваат коментари за евентуална финансиска штета.

Од ЕСМ велат дека надлежната обвинителка побарала инженери за да ги образложат техничките процеси при набавката на мазутот и реализацијата на планот за производство на електрична енергија во ТЕЦ Неготино.

Од компаниајта додаваат дека вештаците констатирале дека во тој дел немало штета а Обвинителството тоа го искористило за да констатира дека нема финансиска штета.

„Обвинителството го потврдува вештиот наод и мислење од економско-финансиска област, поклонувајќи верба на искази на некомпетентни лица во областа, наместо вештиот наод и мислење да го достави до АД ЕСМ како оштетена страна за да може Компанијата преку своите компетентни лица во областа - да се произнесе по истиот. АД ЕСМ, како директно оштетена страна, во ниту еден момент не беше повикана од ОЈО ГОКК официјално да се произнесе врз основа на своите прецизни финансиски анализи, за реалната штета поради која и беше почната постапката. – се вели во соопштението на компанијата во кое додаваат дека нивниот правен тим работи на подготовка на приговор до Вишото и барање за контрола од Републичкото обвинителство.

Реакцијата на ЕСМ доаѓа по обвинувањата на Левица дека лица кои ги овластило актуелното раководство на компанијата потврдиле дека во афетрата Мазут не била предизвикана штета.

“ЕСМ под раководство на Узунчев не само што не пријавиле штета врз државното претпријатие, туку директно сведочеле во корист на спорните договори и набавки. Левица и претходно предупредуваше за криминалното и неодговорно работење на Узунчев, кој наместо да го штити јавниот интерес, го задолжува и финансиски го уназадува претпријатието. “ – се вели во соопштението на Левица од каде се сомневаат на договор меѓу власта и осомничените во овој случај.

Обвинителката Катерина Колариќ која се откажа од овој случај во интервју за 360 вели дека ЕСМ имале доволно време да достават документација за финансиска штета, но како што тврди тоа не се случило па врз основа на исказите на инженерите за реализацијата на производството констатирала дека во случајот Мазут нема кривично дело

Министерот за внатрешни работи чие министерство ја поднесе кривичната пријава исто како и Премиерот тврди дека е шокиран од одлуката на Обвинителството.

Советот на јавни обвинители да ја испита работата на обвинителството за организиран криминал по одлуката за прекин на случајот Мазут бара владејачката ВМРО-ДПМНЕ

Случајот мазут обвинителството го отвори на крајот на минатата зима, а меѓу осомничените беа Ратко Капушевски и синот на пратеникот на ДУИ, Асмир Јахоски.