Македонија
8. May 2026 - 16:47

ВРЕДИ утре станува партија

По неколку месеци консолидирање, Демократско движење, БЕСА, Алтернатива, крилото на Алијанса за Албанците и Самоопределување, кои на два изборни циклуси настапуваа како коалиција, утре и официјално стануваат една партија – Вреди.

Обединувањето очигледно ќе предизвика промени и во кадровскиот состав на Вреди во Владата. Веќе е извесно дека министерот за труд и социјална политика Лимани, кој излезе од Вреди, нема да биде дел од владиниот кабинет по најавената реконструкција. Премиерот Мицкоски, пак, најави и заминување на министерот за добро владеење Фетаи, кој ја изгуби битката со Азир Алиу во Алијанса за Албанците. Сепак, претседателот Меџити, ден пред Конгресот, е внимателен и вели дека реконструкцијата допрва ќе се договара.

Меџити и денеска одбегна да одговори дали Вреди во Владата би го поканиле и Села, кој излезе од Европскиот фронт на ДУИ, но постави услови за воведување на Бадентер во Уставниот суд. Премиерот Мицкоски речиси целосно ја исклучи можноста Села да влезе во Владата.

Сличен е ставот и за заканите на Бујар Османи дека треба да се спречи носењето на новиот закон за правична застапеност, дури и со физичка сила.

Во Вреди го делат ставот на премиерот Мицкоски дека оваа година не се потребни предвремени избори, бидејќи политичкото мнозинство е стабилно, а има време и за економски подвизи. Датумот на формирањето на Вреди – 9 Мај – е симболичен, бидејќи остануваат посветени на европскиот концепт.

На првиот конгрес на Вреди во Скопје се очекува да се потврдат претходните одлуки при обединувањето: Меџити и Касами да станат копретседатели со врзан потпис, Беким Ќоку и Мимоза Муса потпретседатели, а генерален секретар Беким Сали.