Македонија
8. May 2026 - 12:20
Прилеп го доби првото официјално Собирно место за селекција и одлагање на отпад
Прилеп го доби првото официјално Собирно место, за селекција и одлагање на отпад во Прилеп. Сега граѓаните на едно место ќе можат правилно да одлагаат електричен и електронски отпад, отпад од текстилни производи, стаклена амбалажа, хартија и пластика. Собирното место се наоѓа на ул. „Трајко Николоски“, пред влезот на гаражите на ЈКП „Комуналец“.
„Фокусот е ставен на електронскиот отпад и ова е еден старт да почнеме да ги вежбаме нашите навики како совесно да го одлагаме отпадот, односно оние отпади за кои немаме место во примарната, односно во селекцијата која ја вршиме во домаќинствата. Пристапно е местото, можат граѓаните да застануваат со автомобили да го носат отпадот, старите апарати, бела техника, батерии итн“, истакна Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Општина Прилеп, заедно со ЈКП „Комуналец“, веќе работи и на проект за голем современ Собирен центар, каде што ќе се селектираат најмалку 30 видови отпад, согласно сите современи стандарди и законски обврски.
„Овој собирен центар ќе биде 24 часа под видео надзор, бидејќи во минатото имаше доста проблеми со тие специјални садови за електричен отпад, беа комплетно уништени. Во наредниот период ќе поставиме дополнителни 7 садови за електронски отпад на безбедни локации во градот“, рече Љубиша Јованоски, директор на ЈКП Комуналец Прилеп.
Инаку Прилеп денеска го доби и ново специјализирано возило за подигање на отпад, обезбедено преку Министерството за животна средина како дел од Регионалната програма за управување со цврст отпад.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
-->
-->
