Внимавајте: Лажни пораки за наводен сообраќаен прекршок се испраќаат од странски број
Измамнички пораки за наводни сообраќајни прекршоци се испраќаат од странски број и се бара наплата од 1500 денари со платежна картичка на лажна веб страна, предупредува МВР. Деновиве голем број македонски граѓани добиле СМС од бројот +639606963624 за лажна казна од “Сејф Сити”. Од МВР апелираат на внимателност зошто целта на засега непознатите измамници е да извлечат пари или лични податоци од граѓаните со тоа што нудат „50% попуст“ ако казната се плати веднаш или се бара итна реакција во рок од неколку часа.
- Измамата ја вршат на тој начин што, откако лицата ќе кликнат на линкот оставен во пораката, истиот води на лажна веб страна на МВР каде што бараат да ја внесете Вашата регистарска табличка од Вашето возило и потоа Ве носи на нов прозорец каде ви е регистриран прекршок и Ви бараат наплата од 1500 денари за истиот. Апелираме до граѓаните да бидат претпазливи и да не веруваат на пораки кои доаѓаат од нелегитимен веб сајт на Министерството, ниту да оставаат свои лични податоци и податоци од својата платежна картичка, кои потоа претставуваат цел на злоупотреба, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
Инаку измамата може да се препознае по неколку јасни знаци:
- Нема наведена регистарска табличка на возилото
- Испраќачот не е официјален (не е означен како „MVR-SC“)
- линковите водат до сомнителни или лажни веб-страници и се бара внесување лични или банкарски податоци.
Ако добиете вакви СМС пораки не ги отворајте линковите, апелираат од МВР.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
