Средношколци од Струмица започнаа со обнова на клупите во градскиот парк
Средношколците од дрвопреработувачката струка во Државното средно училиште Никола Карев од Струмица започнаа со обнова на оштетените и демолирани клупи во градскиот парк. Акцијата произлезе од иницијатива на учениците и нивните професори, со цел да се подобри изгледот и функционалноста на јавниот простор и да се подигне свеста за заедничка грижа за урбаната опрема.
Во рамки на активностите, мапирани се вкупно 190 оштетени клупи, од кои околу триесетина веќе се обновени и вратени во употреба. Процесот опфаќа демонтажа, обработка на материјалот, замена на оштетените делови и повторна изработка на клупите во училишните работилници.
Обновата на клупите е дел од практичната настава на учениците, преку која тие стекнуваат конкретни вештини и искуство во својата струка. Целиот процес на обработка и обнова на материјалот траеше околу три месеци.
Проектот се реализира во соработка со Општина Струмица и ЈПКД Комуналец, кои обезбедуваат материјали за изработка. Според планот, до крајот на учебната година треба да бидат обновени половина од оштетените клупи, додека вториот дел од акцијата ќе продолжи во новата учебна година.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
