Законот за сезонски работници ги дава првичните резултати, но потребни се одредени измени во однос на ограничувањето на деновите за ангажман
Законот за работно ангажирање на лица ги дава првичните резултати. За четири месеци од неговото функционирање, бенефитите од ова законско решение веќе ги искористиле лица и работодавачи од Битола, Охрид, Кичево и Кочани.
Иако станува збор за релативно краток период од примената, од Министерството за економија велат дека ова е добар почеток и дека очекуваат позитивниот тренд да продолжи.
Од Министерството додаваат дека и покрај тоа што постои одреден отпор кон новите решенија, очекуваат тој постепено да се надминува, а со текот на времето законот да биде сe повеќе прифатен и применуван во пракса, бидејќи овозможува легално и флексибилно ангажирање на сезонски работници, но и придонесува за намалување на неформалната економија.
Законот се применува во сектори како земјоделство, угостителство и лични услуги, каде што потребата од сезонска работна сила е најизразена. Досегашните искуства од терен покажaле дека има потреба и од одредени измени, особено во однос на ограничувањето на деновите за ангажман во угостителството.
Со цел подобра информираност и на работниците и на работодавачите, поволностите од Законот за работно ангажирање на лица беа презентирани и во Струмица, во рамките на проектот ,,Подобри услови за вработување на сезонските работници“ кој го спроведува ГИЗ во соработка со Центарот за истражување и креирање политики, како и со Министерството за економија и Агенцијата за вработување.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
