Македонија
30. April 2026 - 21:14

ЗНАМ не се изненадени од одлуката на Цеков да ги напушти

Партијата ЗНАМ не е изненадена што пратеникот Миле Цеков ја напушти партијата и владејачкото мнозинство. Оттаму велат дека подолг период било јасно оти тој политички и вредносно се оддалечува од принципите, програмските определби и државотворната визија на ЗНАМ.

Според партијата, обидите на Цеков да се претстави како симбол на принципиелност се несериозни и неубедливи бидејќи застапувал позиции спротивни на државните и националните црвени лини..

-За човек кој јавно се залагаше за внесување на Бугарите во Уставот, природно е што повеќе не се препознава во политиките на Движењето ЗНАМ. Причините за оваа одлука се лично негови. Дали станува збор за политички калкулации, клиентелизам или нешто друго,  ќе покаже времето. Но, Движењето ЗНАМ нема да отстапи од својата мисија и од довербата што  ја доби од народот, велат од ЗНАМ.

За првиот човек на СДСМ, ова е почетокот на крајот на владејачкото мнозинство. Како што вели, тендер-коалицијата почнува да се распаѓа.

-Пратеникот Цеков ја напушти пратеничката група на ЗНАМ и од денеска е независен пратеник. Добро е што внатре во ВМРО-ЗНАМ се наоѓаат луѓе кои ја гледаат вистината – дека оваа власт е чиста криминална организација која ја уништува државата. На сите кои сакаат да се оградат од оваа криминална група и да не бидат запаметени како соучесници во пропаста на Македонија – вратата на СДСМ е отворена за соработка. Доаѓа времето на вистината, правдата и одговорноста!, вели Филипче.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ засега не ја коментира одлуката на Цеков.

Тој, пак, денеска одржа прес-конференција во Собранието на која кажа дека во политиката влегол за да ја смени. Ќе продолжи да делува како независен пратеник од опозицијата.

Со напуштањето на Цеков, ЗНАМ во моментот има петмина пратеници, исто колку и Левица.