Обвинетите полицајци тврдеа дека не знаеле дека казните ги издавале на неактивна фирма, наместо на „Пулс“
Ниту еден од тројцата обвинети полицајци кои седат на обвинителна клупа не знаеле дека пишуваат казни за малолетници на неактивна фирма наместо за дискотеката Пулс. Во записниците за контрола и во записниците за поведување прекршочна постапка ја пишувале фирмата Класик, бидејќи била изложена на лист во дискотеката, а истата ја имало и во Централен регистар.
Дознале дека е неактивна дури откако биле поднесени кривични пријави против нив. За Дејан Јованов, знаеле дека е сопственик на Пулс бидејќи го познавале од град и тој самиот се претставувал како газда.
-Називот на фирмата беше истакнат на вратата, на бел лист. Си пишуваше ДПТУ Класик ДМ ДООЕЛ Кочани. Тековната состојба што е прибавена од централен регистар и врз основа на која јас го имам изготвено записникот за констатиран прекршок и барањето за прекршочна постапка беше наведена истата фирма што беше истакната на листот во објектот, кажа во својот исказ обвинетиот полицаец Кире Богатинов.
И фирмата да е неактивна, може да се напише казна, кажа обвинетиот Александар Темелков.
-За фирмата дека е неактивна, дознав кога ми беше поднесена кривична пријава до Обвинителството. Имам разговарано со луѓе дека и за неактивна фирма може да се поведе прекршочна постапка, а не може да се поведе само ако е избришана од централен регистар, кажа командирот Темелков пред судот.
Секогаш кога полицијата врши контроли во објекти, на лист е запишано името на фирмата и е изложено некаде во локалот, истакна обвинетиот Горан Лазаров. Кога вршел тој контрола и пронашол малолетници, го пронашле Дејан Јованов во неговата канцеларија во Пулс, но тој не сакал да се легитимира.
-Во мојот случај, Дејан Јованов одбиваше секаков контакт, не игнорираше, се вртеше на друга страна. Лицето за мене е познато. Полициските службеници прават проверка на идентитет доколку некое лице е непознато, а ние го познаваме од градот со име и презиме и нема потреба да го идентификуваме.
Тројцата полициски службеници се обвинети за злоупотреба на службената положба, пишувале пријави на неактивна фирма и со тоа Пулс одбегнала да ги плати прекршочните пријави за присуство на малолетници во дискотеката.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
