Македонија
3. August 2026 - 16:36

Вонреден инспекциски надзор во три болници по случајот со парализираната родилка

Министерството за здравство со итен инспекциски надзор во три болници ќе проверува што ја предизвикало парализата кај 19 годишната родилка Станка Михајлова од струмичкото село Баница.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе ја чешла медицинската документација за пациентката во болниците во Струмица, Штип и Универзитетската клиника за неврологија во Скопје. По анализа на прибраните материјали, ќе следи и заклучокот од стручниот надзор кој треба да покаже како родилката останала неподвижна по породувањето со царски рез.

„Министерството за здравство уверува дека случајот ќе биде разгледан темелно, професионално и до крај. Ниту еден аспект нема да биде изоставен, а доколку се утврдат пропусти, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно надлежностите и важечките законски прописи“, велат од Министерството за здравство.

Случајот во јавноста го отвори семејството на родилката. Нејзиниот свекор тврди дека компликациите започнале веднаш по породувањето во штипската клиничка болница. Потоа, со денови била препраќана меѓу болниците во Скопје, Штип и Струмица.

„Ако има правда, мислам дека треба да се најде причината. Значи, правдата е најбитна. Треба да видат, стварно да се заинтересираат во медицината. Дали ќе биде гинекологија, дали ќе биде неврологија, дали ќе биде останатите други позадина медицини, сакам да видат од што е и како е“, изјави за Сител свекорот на родилката, Вилибран Стојанов.

Породувањето било спроведено со спинална анестезија, за која Стојанов вели дека никој од лекарите не го известил семејството дека ќе биде користена за реализација на царскиот рез.

„Она е оштетена одзади на 'рбетот. Е тоа е од што? Тоа е од анестезијата. Спинална анестезија и ѝ ставиле без да знаеме ние и никој од нејзините родители. Они требале нас да нè известат: 'Дали сакате да ѝ ставиме спинална анестезија или целосно да ја заспиеме?' Тоа не ни го рекоа на нас“, вели Стојанов. 

Од Клиничката болница во Штип уверуваат дека породувањето и постоперативниот тек биле уредни, а пациентката била испуштена во добра здравствена состојба. Промената на 'рбетниот столб, според првиот човек на болницата, анатомски не одговарала на местото каде била аплицирана анестезијата.

„Анатомски промената не се наоѓа во регијата каде што се аплицира спиналната анестезија, која се изведува во лумбалниот дел. Поради тоа, ваквата промена не може да се поврзе со апликацијата на спинална анестезија при царскиот рез“, објасни на Фејсбук, директорот Владко Захариев.

Тој додава дека ќе понесе одговорност заедно со персоналот доколку анализите утврдат лекарска грешка во случајот со младата родилка.

Породувањето на 19 годишната Михајлова е направено на 26 јуни во Клиничката болница во Штип. Таа е мајка на уште едно дете, старо три и пол години.