Дојави за бомби во два трговски центри во Скопје
Дојави за поставени бомби привремено испразнија два трговски центри во Скопје. Заканата пристигнала на мејлoт на Министерството за внатрешни. Полициски екипи веднаш излегле на терен, а проверките покажале дека дојавите се лажни.
„Денеска на електронска адреса на МВР е добиена порака со закана дека трговските центри ИстГејт и Дајмонд во Скопје се поставени експлозивни направи. Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници во внатрешноста и околу објектите, при што е утврдено дека станува збор за лажни дојави за бомби“, изјави портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.
Како превентивна мерка, посетителите и вработените во двата трговски центри беа евакуирани. Граѓаните кои ги затекнавме пред едниот трговски мирно ја следеа ситуацијата. Влезовите беа под строга контрола додека траеја проверките.
„Имаше соопштение дека сите службени лица и потрошувачи треба да излезат и толку. Претпоставуваме дека е некоја дојава, се надеваме лажна. Внатре бев нешто требаше да купам и и чекам да го земам, ама нема што да се прави. Еве сите чекаат, некои се службени лица, некои се дојдени да си завршат работа зашто денеска работат моловите“, вели граѓанин.
Имаше и граѓани кои штотутку доаѓаа, па не знаеја за настанот.
„Да, во игротека мислевме да одиме. Сега слушнавме, добро што не информиравте. Ќе чекаме да отвори, да“, ни кажа граѓанка.
Кога пристигнавме пред вториот трговски, забележавме само полициски возила, но влезовите веќе беа отворени.
„Па бев, сега поминав низ трговскиот. Горе не сум бил, меѓутоа тука низ преминот нема ништо. Не забележав евакуација“, сведочи минувач.
За дел од граѓаните, ваквите дојави веќе не се нешто ново, па луѓето и не реагираат како порано. Сметаат дека влијание имаат и светските тензии.
„Паника немаше. Веќе се навикнавме на овој начин на живот. Некој ќе даде лажна дојава, службите се задолжените да го проверат тоа и така. Не знам што да кажам, има ситуација на Блискиот исток, поврзана со интервенцијата на САД и Израел во Иран. Видовме дека пред некој ден имаше и во еврејската заедница нешто што никогаш не се случило, обид за подметнување на некој пожар и тоа е, се надеваме дека ништо нема да биде тука“, рече граѓанин.
Во изминатите неколку години имаше стотици лажни дојави за поставени бомби низ Скопје. Заканувачки пораки најмногу беа испраќани до училиштата.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
