Дигитален регистер на загадувачи за почисто Скопје
Дигитален регистер на загадувачи за почисто Скопје. Првиот човек во Министерството за животна средина ќе лансира дигитална платформа за да се зголеми транспарентноста и одговорноста. Хоџа за Сител вели дека преку систематското собирање и јавното објаување на податоци за емисиите, отпадот и користењето ресурси, регистарот ќе обезбеди сигурни и споредливи информации и ќе создаде конструктивен притисок за почитување на стандардите.
Кој не го почитува законот, ќе си плати вртоглави казни. Од почетокот на годината заклучно со март, Инспекторатот казнил пет фирми кои не работеле според правилата. Тие ќе се олеснат за 414.000 евра, а нивните сопственици со 21 илјада евра.
По низата протести на граѓаните за дислокација на Усје, министерството најави јавна расправа за новата дозвола на цементарницата, а веќе се организираат средби со операторите со А интегрирана дозвола за побрза адаптација на новите правила.
Се подготвува и новиот Закон за индустриски емисии, кој стапува на сила во 2027 година – тој предвидува построги казнени критериуми за добивање на највисоките еколошки дозволи, но и поголеми парични казни за сите кои не го почитуваат законот.
Во меѓувреме започна и процесот на одгасување на Вардариште, откако во средата пироман реши да го наруши мирот на скопјани и да предизвика нов пожар на оваа депонија. Мапирани се 22 точки, односно бунари за собирање на отпадните гасови што со години се наталожуваа на ова место. Крајната цел е депонијата да се претвори во мега парк.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
