Петиција да се забранат социјалните мрежи за деца под 12 години во Македонија
Да се забранат социјалните мрежи за деца до 12 години во Македонија, а малолетниците до 16 години да имаат регулиран пристап до најчесто користените интернет апликации. Над 76% од граѓаните во анкетата на Институтот за демократија ги подржаа овие барања.
Петицијата пак на граѓанската иницијатива „За безбедно детство“ е потпишана од речиси 3000 граѓани. Барањата за забрана се поради се поголемата загриженост дека децата во земјава растат во дигитална средина без доволна заштита, изложени на онлајн насилство и нарушено ментално здравје.
Потписниците бараат системска регулација, вклучително и проверка на возраст, заштита на личните податоци и брзо отстранување на штетни содржини.
Петицијата и спроведената анкета од страна на Институтот за демократија каде биле вклучени 1000 испитаници во период од 27 февруари до 10 март, ќе бидат доставени до министерството за дигитална трансформација.
А додека Македонија е во процес на прибирање потписи за поддршка на овие барања, британскиот премиер Кир Стармер веќе седна на маса со технолошките гиганти Мета, Гугл, Икс, Тикток и побара итни мерки со кои платформите ќе докажат дека се безбедни за децата.
Во спротивно, изјави Стармер, ќе се постави прашањето дали воопшто треба да бидат дел од нивното детство. Британија веќе размислува за порадикални мерки, забрана за социјални мрежи за деца под 16 години, ограничување на времето и дури дигитален полициски час.
По Австралија, која веќе воведе ваква забрана, се повеќе земји одат во ист правец.
Грција планира од јуни следната година да забрани користење на социјални мрежи како ТикТок, Инстаграм и Фејсбук за деца под 15 години, преку задолжителна државна апликација која автоматски ќе го блокира пристапот.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
