11 од 12-те повредени македонски државјани во несреќата во Италија се пуштени дома
11 од 12-те повредени македонски државјани во вчерашната сообраќајка во Италија се пуштени дома и се во добра здравствена состојба. Само едно лице останува во болница во Анкона. Според официјалните информации денеска тој ќе има хирушка интервенција.
„По соодветна лекарска помош за добиените лесни повреди во болница во градот Сан Бенедето дел Тронто 11 патници, државјани на Северна Македонија во текот на вчерашниот ден беа пуштени дома во добра здравствена состојба. Додека 12-тиот патник, наш државјанин се наоѓа во болница во Анкона, каде што во текот на денешниот ден ќе има хируршка интервенција за добиените повреди во нога и рака“, соопштија од Министеството за надворешни работи работи.
Во вчерашната несреќа на лице место загина македонскиот државјанин, 59-годишник Р.И, кој управувал со автобусот на туристичка агенција од Македонија.
Италијанските медиуми пренесуваат дека во несреќата која се случи на автопатот меѓу градовите Асколи Пичено и Анкота, околу 10 часот, македонскиот автобус се судрил со два камиони. По судирот, едниот од камионите се запалил во тунел, а причините се уште се утврдуваат. Спасени се и двата шофери на товарните возила.
Македонското МНР преку Амбасадата во Рим останува во континуирана комуникација со надлежните италијански институции, кои работат на целосно расчистување на случајот.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
