Македонија
21. March 2024 - 21:34

Предизвиците на децата со Даунов синдром и нивните родители

Местата за социјализација за лицата со Даунов синдром се само еден од многуте проблеми кои со години наназад ги мачат овие деца и нивните родители. Немаат специјализирани објекти каде да се дружат, да поразговараат меѓу себе.

Ниту центрите за згрижување не се нешто со кое можеме да се пофалиме како држава. Сузана која е мајка на дете со Даунов синдром, пред камерата на Сител вели дека во дневните центри може да ги остават своите деца само неколку часа, но за родителите кои се вработени, тоа не менува многу. 

Предрасудите и стереотипите бавно се рушат, но не можат да се искоренат, смета Сузана. 

Според родителите ниту образовните асистенти низ училиштата, вкупно 820 на број низ државата не се доволни, за да се посветат на децата со Даунов синдром. 

Светскиот ден на Даунов синдром официјално се слави од Обединетите нации на 21 март од 2012 година. Овој датум е симболично означен на 21-от ден од третиот месец во годината, за да се одбележи карактеристичната трипликација на 21-от хромозом, што предизвикува Даунов синдром.