Министрите на АА тврдат: Не одговараме пред Џафери туку пред Таравари
Кадровска комисија на Алијанса за Албанците бара од Џафери да ги разреши министрите за здравство и информатичко општество бидејќи немале поддршка од партијата.
„Оваа одлука е донесена затоа што преку моќта на министерската функција, но без партиска позиција, двајцата министри спроведуваат дејствија кои се во спротивност со етичкиот кодекс, вклучително и уцени и притисоци врз членовите на АА и вработените“ се вели во партиското соопштение во кое како грев на министерот за информатичко му се запишува и вчерашнта средба со министрите од опозицијата на која бараа начин да се надмине проблемот со пасошите.
Партиската реакција следи ден откако Џафери побара токму овие двајца министри да кажат дали ќе останат дел од владата или по најавата на нивниот лидер ќе заминат во опозиција. Министрите на Алијанса не одговараат пред Џафери туку само пред Таравари, му вратија тие.
Турбуленциите се прелеаја во Владата по расколот меѓу поранешниот и актуелниот претседател на Алијанса кои својата партија на идните избори ја гледаат на различни позиции. Епилог може да има во сабота за кога Села го свика централното претседателство на партијата каде фигурира како претседател. На него ќе се бара извештај од Таравари за одлуката да и се приклучи на опозицијата а постои можност со две третини од членовите на претседателството тој да биде разрешен.
Но Таравари не е загрижен. Тврди дека партиското членство стои зад него а тоа го домнистираше вчера кога пред неговиот дом во гостивар се собраа стотина партиски активисти.
А албанската опозиција Таравари го чека со раширени раце. Касами вели дека за него и натаму стои отворено местото за претседателски кандидат, позиција за која актуелниот градоначалник на Гостивар рече дека не е заинтересиран.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
