Македонија
31. January 2024 - 16:37

Курти ја седна опозицијата на иста маса со Таравари

Лидерите на албанската опозиција заедно со Таравари на средба со Курти во Приштина го договарале новиот претседателски кандидат.

„Сите присутни лидери ја посочија и идејата за Претседател Албанец, фигура која треба да биде личност со интелектуален кредибилитет и која ќе го обедини албанскиот фактор во РСМ и достоинствено ќе ги претставува сите граѓани на нашата земја“ – се вели во краткото соопштение испратено утрово.

Во него се додава дека се разговарало и за можностите за идна соработка што значи дека на Таравари уште еднаш му било посочено дека вратите за влез во опозициската коалиција и натаму му се отворени. Медиумите од земјава кои известуваат на албански јазик велат дека коалицијата на Таравари со опозицијата е веќе договорена работа и во наредните денови се чека нејзино официјализирање.
Но Таравари не открива многу.

„Разговор за актуелната состојба во Косово и во Македонија, евроинтегративниот пат и изборите во Македонија“ – одговори кратко тој на нашето прашање за неговата посета на Косово.
Многу детали немаше ниту од министерот за здравство кој доаѓа од неговата партија.

Најавата за лансирање на претседателски кандидат од албанската опозиција го става ДУИ пред одлука дали ќе го поддржи, ќе оди со свој или ќе даде поддршка на кандидатот на СДСМ.

Што ќе значи тоа за нивната партија, од Мала Речица денеска не сакаа да одговорат на прашањата на Сител. Партиски извори веќе брифираа дека ако албанската опозиција исфрли свој кандидат и тие ќе одат со свој предлог што веројатно ќе го остави СДСМ сам во битката против ВМРО-ДПМНЕ барем во првиот круг.

Во Косово вчера беше и Ахмети кој во интервју за локална телевизија не можеше да скрие дека не е среќен што Курти се среќава со неговите политички противници испраќајќи му порака да каже дали планира да се меша во изборите во Македонија.