Македонија
29. January 2024 - 16:39

Без церемонии министрите на опозицијата се вселија во Владата

Без никакви церемонии и помпа со по 2 – 3 фотографии на социјалните мрежи опозициските кадри ги преземаа новите функции во Владата.

„Денеска во Министерството за внатрешни работи досегашниот министер Оливер Спасовски ја предаде должноста министер за внатрешни работи на новоименуваниот прв човек на овој ресор Панче Тошковски.

На чинот на примопредавањето, министерот Тошковски му се заблагодари на г-динот Спасовски за неговиот досегашен анганжман во министерството, “ стои во соопштението кое заедно со 2 фотографии утрово беше испратено до медиумите.
Тоа е единственото официјално соопштение за примопредавање на функциите кое прес службите го испратија денеска.
Техничкиот министер за труд и социјала за примопредавањето објави сам на социјалните мрежи.

Уште три месеци до големата победа, која зависи од сите нас! Затоа, да се обединиме и да ги поразиме неодговорните политичари што ни создадоа ужас во нашата Македонија, порача Велковски на Фејсбук над фотографијата на која со цвеќе, својата претходничка Тренчевска ја испраќа на позицијата дополнителен заменик министер.

И опозициските заменици денеска си ги полнат новите канцеларии. Анодоновски наместо во Минситерството за информатичко општество , првиот состанок го имаше во кафуле.
„ На првиот работен ден се сретнав со млади луѓе од ИТ секторот на една од нивните омилени локации. Гледам амбициозност да ги менуваат работите.

Граѓаните со право сметаат дека никогаш не било полошо и дека системот е во распаѓање од катастрофата наречена СДСМ и ДУИ“ – напиша Адноновски на социјалните мрежи.
Трипуновски денот го почна во канцеларијата во земјоделие а за попладнето најави средби со земјоделци.
„Следува период на градење надеж, борба за подобар живот, борба за враќање на достоинството на македонскиот земјоделец како и промени за сите граѓани на Република Македонија“ – напиша тој на социјалните мрежи.

Покрај кадрите на опозицијата,  ново лице во Владата е и новиот заменик во МВР кој доаѓа од редовите на СДСМ. Во видео порака која ја снимил сам им порача на полицајците да не подлегнуваат на притисоци

Опозицискиот состав во Владата го комплетира и Елена Петрова која е нова заменичка во финансии, но за нејзиниот прв работен ден во Министерството фотографии на социјалните мрежи објави министерот Бесеими.