Македонија
19. January 2024 - 16:32

Уставни игри во пресрет на гласањето за техничката Влада

Премиерот не открива дали по вчерашната средба со Ахмети и Заев, неговата СДСМ е поблиску или подалеку од коалиција со ДУИ.

На една недела пред гласањето за техничката Влада, Премиерот најавува можност министерските места кои треба да ги добие опозицијата да останат празни, а за истото наводно добил поддршка и од ДУИ.

Затоа и предложивме да се укине техничката Влада велат од ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека во неа учествуваат само за да демонстрираат одговорност

„ВМРО-ДПМНЕ останува на истиот став, и имињата за министри и заменици, согласно законот ќе бидат предложени наредната недела. 

Останува на власта дали ќе одбере да го почитува законот, или истиот ќе го крши, што само ги открива и позадинските намери за загрозување на изборниот процес што е доказ за огромната доза на нервоза кај власта во заминување. 

Правото не познава предлози за министри, "празно место" како што изјавува Ковачевски.“ – се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ

Најавата на СДСМ и ДУИ за полупразна Влада ги оставија експертите во прашалници. Тие потенцираат дека не постои закон кој може да го натера било кој пратеник да гласа спротивно на своето убедување па оттука, никој од нив нема обврска ниту да ги слуша директивите на Мицкоски ниту пак да гласа како што од него бараат Ковачевски и Ахмети.

 Извори на Сител во ДУИ велат дека и Џафери не бил среќен со овие игри на Ахмети и Ковачески, а токму тој ќе го има последниот збор. 

Ние, епилогот ќе го имаме пред крајот на идниот викенд кога мора да помине гласањето. До тогаш, опозицијата веќе ќе ги има предложено своите кадри, а според извори на Сител, Наќе Чулев има се помали шанси да биде еден од нив.