Преглед на вестите од светот
Не запираат нападите и провокациите во Црвеното Море. Американската армија објави дека е пресретната уште една ракета истрелана од јеменските бунтовници Хути. Бунтовниците испукале противбродска крстосувачка ракета кон разурнувач на американската морнарица, а проектилот го пресретнале американските воздухопловни сили во близина на јеменскиот крајбрежен град Ал Худаид. Нема извештај за жртви или штета.
„Подготвени сме за диретна војна со САД за да ја одбраниме Палестина“ возвратија Хутите.
Велика Британија која минатата недела учествуваше во нападите предводени од САД, засега не открива дали се планирани нови напади.
„Нашата цел е да ги деескалираме тензиите во регионот и всушност да ја вратиме стабилноста во областа. Се соочивме со ескалирачка серија напади од Хутите врз комерцијалниот брод, вклучително и напад врз воен брод на Кралската морнарица. Тоа е неприфатливо. Но, правилно е што презедовме пропорционална, насочена акција против воени цели за да испратиме силна порака дека тоа однесување е неприфатливо. Тоа беше последно средство“, порача британскиот премиер Риши Сунак.
Нападите на Хутите ги осуди и ЕУ и повика истите да запрат. Од почетокот на нападите сообраќајот низ Црвеното Море, еден од најважните морски патишта за светската трговија е намален за 40%.
Лавата од еруптираниот вулкан на Исланд влезе во градот Гриндавик и запали куќи. Лавата го отсече и главниот пат што води кон градот, а нивото на тревога е подигнато на највисоко ниво. Градот кој е дом на близу 4000 лица од претходно беше евакуиран, па опасност по жителите нема. Ова е втора ерупција за помалку од еден месец. На декемвриската ерупција, и претоходеа силни земјотреси по што во околина на вулканот беа изградени ѕидови за да се насочи стопената карпа подалеку од градот.
Над 10.000 германски земјоделци го блокираа центарот на Берлин со илјадници трактори и камиони. Кулминираат едно неделните протести против најавите за зголемување на даноците за земјоделските активности и владината одлука за постепено укинување на даночното олеснување за земјоделскиот дизел додека се обидуваше да го балансира буџетот за 2024 година по одлуката на уставниот суд во ноември, која ја принуди да ги ревидира плановите за трошење.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
