Премиерот нема датум за оставка- опозицијата ги крие техничките министри
На две недели пред гласањето на техничката Влада, премиерот нема прецизен датум кога ќе си поднесе оставка.
Ковачевски денеска не откри ниту детали за преговорите со ДУИ. Рече разговараат со сите можни партнери но во моментов разговорите биле на ниво на анализи и програми.
И во ВМРО-ДПМНЕ не се нешто многу расположени за споделување информации кога станува збор за кадрите кои ќе и ги понудат на техничката Влада
Џафери вчера информираше дека целиот процес на оставки и избор на нова Влада ќе помине во периодот меѓу 26 и 28 јануари за да може тој пред крајот на месецов да се пресели на Илинденска.
Паралелно со подготовките на парламентарните, течат и оние за претседателските избори. СДСМ ја почнува внатрепартиската процедура. Премиерот денеска не штедеше пофалби за Пендаровски иако беше јасен дека во трката на Бихаќка секој има еднакви шанси.
Актуелниот претседател вчера за Сител рече дека одлуката дали ќе бара втор мандат ќе ја соопшти идниот месец, а ВМРО-ДПМНЕ дури во март кога ќе се одржи нивната партиска конвенција. Таму Силјановска и Спасеновски се најсериозни кандидати, а свој кандидат најави и Албанската опозиција каде се споменува името на Руфи Османи. Останува неизвесно дали тоа ќе ја мотивира ДУИ да влезе во претседателската трка или ќе гласа за предлогот на СДСМ.
Првиот круг од претседателските избори е на 24 април, а вториот, заедно со парламентарните на 8 мај.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
