Политички турбулентна година
Македонија одбројува уште една година со политички превирања и изгубени дипломатски шанси за напредок. Ветувањата дека ова ќе биде година на европски интеграции, заврши без позитивен одговор од ЕК и извештај за напредок на земјата со негативни оценки за речиси сите теми.
Брисел беше дециден - уставните измени се работа на владата. Ако не биде завршено менувањето на Уставот ќе има застој во процесот. Тоа што евроамбасадорот Гир уште во јануари најави, го кажаа сите европски тешкаши кои стигнаа во Скопје...без сменет Устав нема проолжување на интеграциите.
Иста методологија, но за две спротивставени агенди ја движеа политичката сцена оваа година. Успешно завршениот скрининг не значеше и „да“ од европските лидери. Уставните измени за вметнувањето на бугарите, останува да и тежат на Македонија на патот до Европа.
Власта трчаше по пратеници за уставни измени, опозицијата бараше мнозинство за предвремени избори.
Трката да се обезбедат 80 пратеници се уште трае. Власта уверува ова е единствена шанса за напредок, опозицијата не попушта пред како што велат бугарски диктат.
За експертите, катастрофалниот извештај ја запечати политиката и интеграцијата на Македонија за годинава.
Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори, ја стресе и владината коалиција. Алијанса на Таравари влезе, Алтернатива на Гаши излезе...а калкулациите на Ковачевски, го налутија и Павле Трајанов, па и тој замина од Влада.
Се нудеа министерски позиции за поголемо мнозинство, но не доволно да се обезбеди двотретинско за глатко да помине менувањето на Уставот.
Политичкиот земјотрес ја стресе и Мала Речица. Меџити како водач на огнените од ДУИ му откажа љубов на Ахмети, па заедно со Касами и Гаши му објавија војна за добивање на албанските гласачи на изборите.
Станавме и домаќин на највлијателните светски политичари кои во Скопје ја решаваа судбината на ОБСЕ. Блинкен, Лавров, Камерон, Борел, не седнаа на иста маса ама поставија црвени линии за работењето на најголемата безбедносна огранизација со 57 држави членки. Македонија како претседавач доби браво за организацијата.
Провокациите од Бугарија не запреа ниту овие 12 месеци. Во бранови, се менуваа само политичарите, а реториката остана иста. Бугарија нема да застане додека Македонија не исполни се на што се обврзала. А на крајот на годинава зачестија и пораките дека уставните измени не се единственото бугарско барање.
Во секоја бугарска провокација, македонското МНР не гледаше причина за реакција, туку ги стави во категорија на политички изјави за обезбедување на поени.
Со стар политички товар Македонија ја завршува и ова 2023-та. За интеграција во ЕУ ќе почекаме, а избори ќе спремаме уште со стартот на новата година.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
