Македонија
30. December 2023 - 16:33

Усвојување на уставните измени главен предизвик за следната година

Тешка година во која никој не беше оставен сам. Премиерот Ковачевски во новогодишното обраќање вели дека е горд на постигнато. Двојно повисока минимална плата, за 50% повисоки пензии, кои ќе растат и следната година. Ковачевски е оптимист и за подобро утре, кое вели ќе ни го донесе европскиот пат.

Оптимизмот кој го споделувам со Вас, е изграден на реални основи, затоа што знам, дека сѐ што треба, заеднички ќе го направиме. Оваа држава има луѓе кои имаат и храброст, и енергија длабоко во себе, кои ќе го изодат тој пат и кои ќе остават подобра земја за своите деца, за сегашните и за идните генерации. На крајот на овој европски пат е големата награда, членството во Европската Унија. Пат и цел кои ќе ни овозможат врвна демократија, социјална правда, функционално владеење на правото. Јас верувам во тоа и во тој дух, вели Ковачевски

Европската иднина на државата доминира и во новогодишното обраќање на министерот за надворешни работи. Османи како најголем успех годинава го издвојува претседавање со ОБСЕ, предизвик следната година според него ќе биде усвојување на уставните измени, уште еден храбар чекор кој вели – треба да ја обликува иднината на Македонија.

 Денес, Северна Македонија е поблиску до Европската унија од кога било и ова е резултат на нашата визија, посветеност и желба за просперитетна иднина. Возот кон ЕУ нема да запре и силно верувам дека следната година ќе ги надминеме блокадите кои ги создава опозицијата. Верувам затоа што знам дека мнозинството граѓани сакаат да завртат лист и станат дел од силното и поврзано европското семејство“, вели Османи.

 Да се донесат уставните измени и да се стави крај на неизвесноста повикува и вицепремиерот за европски прашања. Отворањето на поглавјата ќе ни донесе нивно заокружување за околу четири години и потоа официјално членство во ЕУ, најдоцна до 2030 година, порачува Маричиќ.