Синохидро доби нов рок за изградба на автопатот Кичево-Охрид
Кинески Синохидро ќе добие нов рок. Владата утврди дека автопатот Кичево-Охрид е приоритет и мора да се заврши. Ресорните министри, вицепремирот Битиќи и директорот на Државни патишта треба да почнат преговори со изведувачот за склучување нов анекс на договорот за доизградба и искористување на претходно одобрените пари за оваа делница.
- Одлуката е донесена по Информацијата од Јавното претпријатие за државни патишта, базирана на доставени наоди од Главен Надзор и Надзор на тунел, дека поради реални причини, има потреба од продолжување на крајниот рок, 31 декември 2023 година, за изведба на градежните работи на овој автопат, а при тоа земајќи го предвид фактот за досега реализираниот висок степен на физички извршените работи и решени отворени прашања, се вели во соопштението од Влада.
Претходно Владата најави можност за раскинување на договорот поради бројни пропусти во проектантите и самиот изведувач, кој го прават овој автопат небезбеден за сообраќај и за самите граѓани. Делницата Кичево-Охрид, која е во должина од 57 километри се гради 10 години. Почна во 2014та, а за да биде пуштен во употреба треба да се доизградат уште 14 километри, на кои се појавиле 11 свлечишта.
Инаку овој автопат е и меѓу најскапите, каде километар чини 10,5 милиони евра. Од првични 374 милиони, сега достигна вредност од речиси 600 милиони евра.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
